Здравството во 2017: „Кој ќе преживее, ќе раскажува“

06.01.2018 | 17:46
Прочитано: 1673

Пукање во министер, изгубени животи на новороденчиња, фалсификувани лекови.
Тешка година за македонското здравство. Тројца министри се сменија, но проблемите останаа.

И оваа година црните статистики се билдаа, додека козметички реформи се носеа. Контроверзниот министер Тодоров го замени неврохирургот Арбен Таравари.
Приморедавањето на функцијата во Министерството за здравство го спречи пукањето во Тодоров.

Но ниту смената на власта, не ги смени состојбите. Чистката на директорите на клиниките се чини беше главниот фокус на новодојдениот министер.

„Дали се сите политички? Пола – пола. Не се сите политички....Па јас би рекол дека разрешувањето на доктор Стојков е политичко“, изјави Таравари во 24 Анализа.

И додека Таравари поставуваше партиски директори, смртта на новороденчињата растеше. Во само во првите 7 месеци починаа 120 бебиња на скопската гинекологија. Македонија и оваа година остана на врвот на европската листа според стапката на смртност на новороденчиња.

Во екот на критичната состојба со гинеколошките болници и смртта на бебиња,  а по само четири месеци на чело на ресорот, Таравари реши да го напушти министерството, за да го ослободува Гостивар.

Со стопирани проекти, најавувани реформи и криза во испораката на лекови – министерството со месеци месеци остана без министер. И додека партиите калкулираа кој ќе го земе ресорот - проблемите во здравството се таложеа, а пациентите молеа за терапија која со месеци им доцнеше.

„Со страв легнувам, со страв станувам секое утро во овие 17 години“, вели Снежана Бојчин – Родител на дете со цистична фиброза.

„Стравуваме секој ден затоа што станува збор за живот“, вели Кефсере Емини – Родител на дете со цистична фиброза.

„Крајно нехумано, се коси со секој човечки разум“, пациент со хемофилија.
Незадоволството растеше и кај лекарите. Законот за лекари кои со години наназад го бараат остана во фиоката на министерството. Лекарите предупредија здравствениот систем е пред крах.

„Ситуацијата можеби е минута до 12, сите здравствени власти заедно со лекарската комора треба да седнеме да најдеме решение, за здравствениот систем да не крахира“ изјави Д-р Илберт Бесими – Потпретседател на Лекарска комора.

Токму ваквите состојби во здравствениот систем ги избркаа младите кадри од земјава. И годинава голем број на млади лекари решија да си купат карта во еден правец. Маја и Елена се едни од нив.

„Со оглед на условите што ни ги пружа државата, приморани сме да ја напуштиме државата“, изјави Маја Зашаровска – Студентка.

„Доста е тешко да се земе државна специјализација“, вели Елена.

И додека Македонија извезуваше млади лекари, увезуваше фалсификувани лекови. Скандалот со фалсификуваните лекови, остана до денес со низа неодговорени прашања. Дали Македонците уште пијат лекови со сомнително потекло – одговор не даде ниту заменикот – министер.

„Ако мислите дека има институција во светот којашто за 24 часа може да ги информира граѓаните кои лекови се безбедни, а кои се небезбедни, кажете ми која е таа драва ќе пратиме експерти таму да не научат“, вели Гоце Чакаровски- Заменик министер за здравство.

Она што е сигурно кај лековите е дека дијазепамите и лексилиумот се и натаму се на врвот на листата на најкористени лекови кај Македонците.


Ивана Стојкова
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.