Заврши историската средба Трамп - Ким во четири очи

12.06.2018 | 14:19
Прочитано: 1909

Изградба на траен и стабилен мировен режим на Корејскиот Полуостров, стои во документот што го потпишаа американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун по историската 38-минутна средба во Сингапур.
Трамп оцени дека разговорите со Ким биле „чесни, директни и продуктивни“, наведувајќи дека од него добил уверување дека Северна Кореја ќе ги уништи сите објекти каде е сконцентрирана ракетната програма на таа држава.
Во неговото обраќање по потпишувањето на декларацијата, Трамп рече дека му е чест да му се обрати на светот со порака за надеж, визија и мир.
„Минатото не мора да ја дефинира иднината ... Секој може да направи војна, но само најхрабрите можат да направат мир.“ - изјави Доналд Трамп-претседател на САД
И покрај тоа што до пред една година Ким и Трамп речиси секојдневно разменуваа остра реторика, а тоа светот го гледаше како да се на раб на војна, по денешната средба Ким рече дека одлучиле минатото да го остават зад нив.

„Светот ќе биде сведок на огромни промени. Имавме навистина историски состанок на кој одлучивме минатото да го оставиме зад нас. Му се заблагодарувам на претседателот Трамп што овозможи да се случи денешната средба.“ - изјави Ким Јонг Ун-лидер на Северна Кореја

На самитот во Сингапур, Трамп го покажа и својот потпис на декларацијата која содржи неколку точки:

-САД и Северна Кореја ќе се посветат на воспоставување нови односи помеѓу двете држави, во согласност со желбите на двата народа за мир и просперитет.
-САД и Северна Кореја ќе вложат заеднички напори да изградат стабилен и долготраен мир на корејскиот полуостров.
-Потврдувајќи ја декларацијата потпишана во Панмунџом на 27 април, Северна Кореја се обврзува дека ќе спроведе целосна денуклеаризација на полуостровот.
-САД и Северна Кореја се обврзаа да ги вратат воените заробеници и посмртните останки на војниците во своите земји.
Во нивната прва заедничка средба експертите гледаат силна симболика, почнувајќи од ракувањето кое траеше точно 13 секунди до декорот на знамињата на двете земји. Аналитичарите оценуваат дека доколку двајцата лидери вистински и искрено се придржуваат до потпишаното со цел првата историска средба и договорот да успеат, тоа ќе донесе трајна промена на безбедносното опкружување во североисточна Азија.


Анита Буховски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.