Затвореник кој лани избега од Идризово фатен од полицијата
Уапсен еден од двајцата затвореници кои во декември лани го киднапираа чуварот и побегнаа од затворската болница. 39 годишниот бегалец од Идризово по речиси една година потрага, вчера падна во рацете на полицијата. Тој е осуден на 20 години затворска казна за убиство и неовластено производство и пуштање во промет наркотички дроги.
„Овластени службени лица од СВР Куманово во соработка со Централните полициски служби од МВР, вчера во 17.50 го уапсија 39-годишниот О.М. кој е баран со потерница од КПУ Идризово. До моментот на лишување од слобода, тој на подрачјето на Куманово, извршил десет кривични дела, шест разбојништва, три тешки кражби и едно одземање на моторни возила.“ - велат од МВР.
Информираа од кумановската полиција. Оттаму додаваат дека постојат сомнежи дека сторил кривични дела и во други градови. Кумановецот Орце Миленковски е со дебело досие. Како што дознаваме, бегалецот упатувал закани по животот на судијата кој ја донел пресудата против него. На друг судија од Куманово, му провалил во викендицата и го ограбил. Бегалецот цело време бил вооружен, а при разбојништвата ги малтретирал и жртвите. Според нашите информации, Миленковски ги врзувал жртвите со кабли и јажиња и со пиштол им се заканувал дека ќе ги убие. 39 годишниот кумановец е вратен во Идризово на доиздржување на казната. Тој на јавноста и е познат по спектакуларното бегство кое го изведе заедно со уште еден затвореник – Бедри Ковачи. Тие во декември лани го земале како заложник чуварот Љубе Димитров и го натерале да ги одвезе до Горно Нерези, од каде им се изгуби трагата. За ова бегство, вработени во Идризово добија дисциплински мерки.
Post new comment