Возачот и членови на обезбедувањето на Груевски сведочea во случајот „Тенк“

20.04.2018 | 20:04
Прочитано: 1705

Речиси шест часа траеше распитот на сведоците предложени од одбраната  на денешното рочиште за набавката на луксузниот Мерцедес вреден 600.000 евра. Вкупно 11 сведоци претежно вработени во МВР, дадоа исказ пред судот и сите рекоа дека блиндираните возила со кои располагала 6та управа биле небезбедни.

Сведоците изјавија дека на возилата често се јавувале дефекти, а поради потребата од сервисирање, обезбедувањето на Груевски морало да позајмува возила од останатите служби на МВР. Дел од сведоците рекоа и дека Груевски често доцнел на настаните токму поради дефектите на старите блиндирани возила. Сепак, на прашање на специјалниот обвинител, дел од сведоците рекоа дека 6та управа располага и со блиндиран џип. Обвинетиот Никола Груевски по завршување на рочиштето, повторно упати обвинување кон судот дека е задржан и по истекот на работното време.

Ова беше прво продолжение на судењето за Тенк откако судот по барање на СЈО ја раздвои постапката за Гордана Јанкулоска која приложи лекарска потврда за ризична бременост. На поранешната министерка за внатрешни работи ќе и се суди во одвоена постапка од онаа на Груевски и поранешниот началник за јавни набавки Ѓоко Поповски. Судењето за набавката на скапиот Мерцедес продолжува по викендот. Во понеделник ќе сведочат уште осум сведоци на одбраната меѓу кои и поранешниот шеф на обезбедувањето на Груевски, Дејан Митревски Урко.


 


Кристина Атовска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.