Во затворот „Идризово“ се креира лажна слика за условите?

29.04.2017 | 18:56
Прочитано: 36859
Управата на затворот „Идризово“ крие од Обединетите нации за катастрофалните услови во кои се наоѓа едно од затворските крила – велат за ТВ24 затвореници кои пред посетата на делегацијата биле преместени од реновираните крила, бидејќи капацитетите биле надминати. Оние осуденици кои биле вишок, биле преместени во, како што велат, озлогласеното крило, кое ги нема ниту основните услови. 
 
Капацитетот на ова крило, според кажувањата на затворениците, е 80 лица, но во него моментално се сместени 180 осуденици. Поради ова, тие велат, се приморани да спијат еден врз друг, на подот во ќелијата или во ходниците. Немаат ниту топла вода, а храната никогаш не стигнува на време, ниту пак има доволно за сите.
 
Осудениците тврдат дека управата на затворот, за време на посетата на Обединетите нации, ова крило го држела под клуч, со изговор дека станува збор за стари и напуштени простории во кои нема ништо.
 
Директорот на затворот во Идризово, Живко Пејковски, претходно за ТВ24 потврди дека делегација на ОН била во рутинска посета. Во денешниот телефонски разговор со нашата екипа, коментирајќи ги обвинувањата на осудениците, вели дека затворот е стар, но се работи на негово реконструирање. 
 
„Секако дека ќе има поплаки за условите бидејќи и самите знаете дека се работи за стар затвор. Има делови кои се со полоши услови, но ние работиме на надминување на овој проблем и реконструираме дел по дел.“ – вели Пејковски.
 
Детално за обвинувањата на затворениците, Пејковски ни рече да го побараме од следната недела.
 
За катастрофалните услови во македонските затвори, вклучувајќи го и казнено поправниот дом „Идризово“ неколкупати говореше и народниот правобранител Иџет Мемети. Речиси секоја година во извештајот, најголемиот акцент е ставен на затворските услови. За овој проблем, тој претходно ги известуваше и Обединетите нации.

Христијан Баневски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.