Во понеделник во Собрание расправа за патните трошоци на пратениците

20.01.2018 | 19:11
Прочитано: 2900

Три собраниски комисии ќе го разгледуваат предлогот на власта за кратење на патните трошоци. Први ќе расправаат членовите на комисијата за финансирање и буџет во вторник, а во среда, предлогот е ставен на дневен ред и на законодавно- правната комисија и комисијата за политички систем. Власта има мнозинство во две од трите комисии, а пратениците кои ги контактираше ТВ 24, не очекуваат пречки ниту во комисијата за финансирање, каде ВМРО- ДПМНЕ имаше мнозинство, бидејќи поради нивниот бојкот, назначен е друг претседавач.

Со измените се предвидува надоместот кој пратениците го добиваат за секој поминат километар, зависно од цената на горивото, од досегашните 30% да се намали од 20%.

Според актуелниот закон, пратеник кој дневно патува околу 300 километри до Собранието и назад, за еден ден би добил околу нешто над 95 евра патни трошоци. Со предложените измени, оваа сума би се намалила би се намалил на безмалку 60 евра за ден.

Дел од пратеничките групи реагираа дека ваквото законско решение не може да биде предлог на една партија, туку мора да биде договорен консензуално со сите. Според неофицијалните информации од Собранието не се исклучува предлагачот да добие и писмо со препорака дека законот е едностран и да се надополни со повеќе опции за пратениците. Сепак дел од пратениците од власта негираат дека постои и таква опција.

„Законот е пуштен во процедура и ниту еднаш не стана збор за негово повлекување. За овие измени ние вложувавме напори уште како опозиција, а конкретни предлози дадовме уште пред шест месеци. Редно време е за овие прашања да се разговара и да се дојде до решение прифатливо за сите“, велат од СДСМ.

Меѓутоа на дневен ред се уште не стигна вториот нивен предлог за исплаќање на патни трошоци само за патарини кои ќе бидат платени со личните кредитни картички, а како доказ пратениците да ги доставуваат потврдите дека платиле со картичка и фискална сметка.

Висината на патните трошоци на поранешни и сегашни пратеници предизвикуваше жестоки реакции во јавноста. Сумите, кои пратениците ги добиваа за патни трошоци отворија и сомнежи за законски злоупотреби, а Специјалното јавно обвинителство беше единствената инститција која покрена истрага. Поранешната пратеничка Силвана Бонева е осомничена во случајот, а не е исклучена можноста истрагата да опфати и други поранешни или актуелни пратеници.


Христијан Баневски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.