Василевски не сакал да дојде на јавната седница во Апелација

12.01.2018 | 13:38
Прочитано: 1665

Пратеникот Сашо Василевски не беше спроведен од притворското одделение во затворот Шутооризари до Апелациониот суд на јавната седница на која се разгледуваше неговата жалба за продолжувањето на притворот поради настаните во Собранието на 27 април.

Како што информираше претседателот на Кривичниот совет во Апелација, судијата Јани Нича, судот испратил известување до затворот меѓутоа, оттаму ги информирале дека Василевски не сака дојде во судот, но дал согласност неговиот бранител на јавна седница да ги изнесе наводите во жалбата.

Адвокатот на Василевски, Александар Новаковски рече дека неговата жалба е поопширна, но тој се осврна на незаконитоста при спроведувањето на Василевски и постапката за одземање на нивниот имунитет.

Тој потенцираше дека Василевски немал намера да бега бидејќи се вратил од Бугарија откако дознал дека е отворена истражна постапка и на ниту еден начин не ја попречувал постапката за одземање на неговиот имунитет.

Од друга страна пак обвинителот од вишото јавно обвинителство побара жалбата на Василевски да биде отфрлена како неоснована бидејќи опасноста од бегство и влијание врз сведоци станала поголема со отворањето на истражната постапка, а не во периодот додека Василевски бил во земјава и активно работел во Собранието и не знаел дали ќе биде опфатен во истрагата за настаните од Собрание.

Во теков на денот се очекува Апелација да донесе одлуки по однос на сите жалби на притворените за 27 април.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.