Утре ќе се знае дали уште некоја фирма блиска до владини функционери добила грант од Фондот за иновации

09.08.2018 | 17:35
Прочитано: 889

Утре ќе се знае дали уште некоја фирма блиска до владини функционери се протнала меѓу 80-те компании кои добија грантови од Фондот за иновации. Завршува рокот од 15 дена во кој сите фирми требаше да достават изјава дали во нивната сопственичката структура има функционери или нивни блиски роднини. По скандалот кој предизвика бура од реакции во јавноста, фирмите Кастинвест и Гинис кои се во партнерски релации со вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот на СДСМ Хари Локвенец, се откажаа од грантовите тешки по 160.000 евра. Но снаата на Цветанка Ласкова советничката за култура на Премиерот Заев, која доби 330.000 евра за проект под називот „Декодирај ме“ не се откажала.

„На почетокот на следната недела ќе излеземе со прецизна бројка колку од тие 77 компании доставиле, и колку од нив во самите пријави потврдиле дека има во својата сопственичка структура носител на една функција или негово потесно семејство. Јас како директор ќе побарам од комитетот за одобрување  на инвестиции повторно да се разгледа“, вели Јован Деспотовски - директор на Фонд за иновации

Деспотовски тврди дека и покрај истрагата, „чистите“ фирми на време ќе си ги добијат парите - откако ќе потпишат договори.

„Очекувам дека ќе бидеме во можност да ги потпишеме договорите до крајот на месец август и да ги реализираме првите исплати. По потпишување на договор се префрла одреден износ на средства кој не е поголем од 10 до 15 проценти. Во текот на реализацијата на еден проект имаме 4 до 6 пати контрола од страна на  Фондот за тоа како се трошат средствата“, вели Јован Деспотовски - директор на Фонд за иновации

Деспотовски тврди дека ги предале сите документи кои ги побарало Обвинителството, а пак не бил повикан на информативен разговор.

Од Обвинителството пак не открива детали дали имало злоупотреби при распределбата на државните пари. Нема ниту детали дали некој од функционерите бил повикан на распит.

„Во тек е предистражна постапка во која се преземаат сите неопходни дејствија за утврдување на факти во предметот. Согласно закон дејствијата во предистражна постапка се тајна и во моментов не сме во можност да споделиме детали“, велат од Обвинителството.

На првиот јавен повик за финансирање на микро, мали и средни претпријатија од Планот за економски раст, грантови добија 79 компании или една третина од пријавените, во вкупна сума од 10 и пол милиони евра. Oсвен владини функционери, грантови добија и фирми од медиумскиот бизнис.


Александра Филиповска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.