Уставниот суд следната недела ќе ја разгледува уставноста на референдумот

14.09.2018 | 18:38
Прочитано: 1182

Уставниот суд во среда ќе ја разгледува одлуката за распишување референдум. Одлуката се најде на дневен ред откако пред повеќе од еден месец Левица поднесе иницијатива до судот во која наведуваат дека распишувањето на референдумот е спротивно на Уставот на РМ, Законот за референдум и кодексот на Венецијанската комисија за добри референдумски практики.

Во иницијативата на партијата стои дека има неколку спорни точки: референдумското прашање, ратификацијата, како и видот на референдумот.

„Изрично бараме од Уставниот суд донесената Одлука за распишување на референдум да ја прогласи за противуставна и противзаконска и како таква истата да ја поништи. Уставниот суд треба да изрече и времена мерка на итно запирање на активностите планирани во врска со организирање и спроведување на референдумот.“ - велат од Левица.

Професорот Љубомир Фрчкоски смета дека иницијативата е сосема неоснована. Вели дека ако се коси со одредбите од законот за референдум би била противзаконита, а не да се третира како противуставна. Очекува од судот да биде веднаш отфрлена.

„Противуставно би било доколку референдумот се распишува на основа на одредбите кои се однесуваат за него во уставот. Независно од тоа што е наведено во иницијативата. Овде се работи за наводна незаконитост која се гони по сосема поинаква процедура од процедурата на уставниот суд и очекувам уставниот суд во претходна постапка да ја отфрли како недопустлива.“ - вели Фрчкоски.

Девет уставни судии ќе одлучуваат дали ќе поведат постапка за оценка на уставноста на одлуката. Доколку биде прифатена, ќе оди на гласање.


Андријана Лазова
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.