Уставен пресече: Нема уставни пречки во постапката за распишување на референдумот

19.09.2018 | 17:19
Прочитано: 956

Нема пречки за одржување на референдумот на 30 септември. Уставниот суд со седум гласови за и двајца против ја отфрли иницијативата со која се бараше стопирање на референдумските активности.

Во едно беа едногласни сите деветмина судии,  прашањето за референдумот е од историско значење. За судијката која го подготви предметот, Елена Гошева собраниската одлука за распишување е неуставна, а прашањето стапица за граѓаните.  Побара од колегите да се изгласа времена мерка со која се запрат сите референдумски активности.

„Треба да има повеќе ливчиња, а не едно и три одделни прашања. Дали сте за членство во ЕУ 2. Дали сте за членство во НАТО и  3. Дали сте за договорот со Грција“ -  Елена Гошева

Единствен кој ја поддржа Гошева беше судијата Јован Јосифовски кој откако слушна дека останатите колеги се против иницијативата изрази сомнеж дека некој од надвор влијаел врз одлуките на судиите. Од друга страна судијата  Осман Кадриу заклучи дека одлуката е заснована на државните интереси и нема повреда на одредби.

„Прашањето е за договорот а ЕУ и НАТО служат за појаснување на последиците поради кои се склучи тој договор. Со него се реализира едно значајно поглавје во Уставот“ -  Осман Кадриу

Слични ставови, а против иницијативата со Кадриу образложија и судиите Костадиновски, Ајдари, Маркудова, Мурати, Стојановски и претседателот Никола Ивановски. Иницијаторите кои присуствуваа на седницата во овие говори препознаа политичко влијание.

„Ова е срамен дел за владеење на правото во Македонија, денес е погребана правната држава преку политичка, а не правна одлука на судиите. Според нас бојкотот останува како единствено  масовно средство за враќање на правната држава, а тоа значи дека доколку нема нова одлука  за преименување на државата останува во сила старата одлука од 1991 година“, вели Димитар Апасиев

„Сметаме дека одлуката на судот ја зацврсти волјата на народот за бојкот на референдумот и за масовна не излезност на 30 септември. Затоа бојкотирам значи не гласам“, вели Тодор Петров

Владата не ја искоментира одлуката. Референдумската кампања продолжува со интензивно темпо. А за прашањето кои го оценија како историско уставните судии  Јосифовски и Ивановски го спуштија нивото на комуникација со лични препирки. Јосифовски побара од претседателот да не биде слика и да ги опоменува судиите кога пробуваат да ги навредат колегите, а Ивановски му одговори дека бил и ќе остане господин.


 


Христина Беловска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.