Трговците најавуваат протест на косовската граница

22.07.2018 | 12:10
Прочитано: 2360

Трговците од Македонија се подготвуваат за протести пред косовската граница, откако веќе четири дена е на сила одлука на Приштина за повисока царина на увезените земјоделските производи.

Тие денес на Кванташкиот пазар во Скопје беа разочарани. Бараат Владата да донесе контра мерки за Косово, зашто овошјето и зеленчукот веќе скапува на пазарите на големо. Цените трикратно се намалени, но никој не купува.

Според Царинската управа во Косово денес влегол само еден камион со земјоделски производи, што е безначајна количина наспрема просекот од двесте тони дневно. 

Македонската Влада се уште тактизира. Неизвесно е дали ќе воведе контра мерки, но и на кој начин тоа би се спровело, зашто македонскиот извоз во Косово годинава бил вреден 80 милиони евра, а увозот од таму само 12 милиони.

За проблемот со повисоката царина што за регионот ја воведе Косово реагираше и Европската Комисија. Бара итни појаснувања од косовската влада и очекува Приштина да ги исполни обврските од Договорот за стабилизација и асоцијација и регионално да соработува.

Од Косово тврдат дека повисоката царина е од времен карактер со цел да се заштити домашното производство. В среда во Белград министрите од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе бараат решение за косовската царина.


Ружица Фотиновска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.