Судски лавиринти: Граѓани со години чекаат судење – предметите тапкаат во место

15.05.2018 | 18:27
Прочитано: 852

Тромавоста на судовите ја попречува правдата во Македонија, вака се жалат граѓаните кои со години талкаат низ судските лавиринти. Обвинуваат дека е повредено нивното основно право да имаат судење во разумен рок, но ниту највисокиот суд во земјава немал слух на нивните жалби. Жедни за правда – бараат судски епилог.

„Тие треба да ја докажат нашата вина, а не ние да ја докажуваме нашата невиност“ - изјави Кирил Ружинов – обвинет во Змиско око 2.

„Доаѓаме како на пазар. Системот не фукнционира!“ - изјави Љубомир Бундалески Змиско око 1.

Случаите за предметите Змиско око тапкаат во место повеќе од 10 години. Обвинетите велат рочиштата веќе се само симболични и се далеку од пресуда.

„Во тие 90 рочишта во кои што немаше никаква конструктивност, се докажа дека судството не располага со никакви докази против нас и затоа само се одложува до недоглед“. - вели Ружинов.

Уште десетици граѓани за различни судски предмети, самоиницијативно или преку граѓански здруженија,  се жалеле  до Врховниот суд и барале правично судење во разумен рок.

„За жал Врховниот суд става фокус на досудување на некаква штета заради влечкањето на судските процеси, но во оние ситуации каде што може да наложи на судиите да ги решат предметите во рок од три месеци, многу ретко го прави тоа“. - вели Ване Цветанов од Здружението „Зелена лупа“.
 
Првиот човек на Врховниот суд пак, Јово Вангеловски во изјава за Телевизија 24 децидно ги отфрла обвинувањата, оценувајќи ги како тенденциозни. Тврди дека судот работи согласно европските регулативи и сите законски прописи.  Но, иако законскиот рок за постапување на жалбите е шест месеци, дел од граѓаните тврдат дека чекаат одлука со години.

„Паричниот надомест кој условно би го добиле во било која фаза од постапката, не може никогаш да ги замени траумите и болките и психозите кои се доживеани во овие 10 години.“ - изјави Бундалевски.

Оние кои правдата не ја нашле дома, ја добиле во Стразбур, но не сите, туку само оние кои имале пари да си го дозволат тој луксуз. Сепак, велат никаква отштета не ја гаси жедта за правда и конечна судска разврска.


Ирена Каревска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.