Субвенции на компаниите што ќе даваат за 50 отсто поголеми плати

14.09.2017 | 18:08
Прочитано: 7391

Остварените резултати ќе бидат услов за користење државна помош. Македонските и странските инвеститори ќе бидат субвенционирани под еднакви и со точно утврдени критериуми.  Ќе се субвенционираат само плати нововработените кои ќе добијат сума поголема од 18 илјади денари, односно 50 проценти повеќе од минималната плата. Странските инвеститори ќе добијат државна помош, но само ако 10 проценти од потребните материјали за производството ги набават од домашни компании.

Со ваков предлог Владата ги претстави трите мерки за економски раст. Во првата мерка чиј  таргет се новите инвестиции и конкурентноста на економските субјекти, предвидени се субвенции за новокреирани работни места, за трајно воспоставена деловна соработка на странските со домашните компании, трансфер или формирање развојни зони, за поддршка на компании формирани по стечај или ликвидација.

„Нашата цел е да ја зголемиме конкурентноста  на приватниот сектор, така ќе се забрза економскиот раст  така граѓаните ќе почувствуваат подобрување на животниот стандард“, рече Зоран Заев – Претседател на Влада на Р.М

Другите мерки се однесуваат на поддршка на извозот и за поддршка на мали и средни претпријатија. Од Владата најавија транспарентност, неутралност и недискриминација при селекцијата и очекуваат мерките да влијаат на порастот на платите. Во однос на прашањето колку пари се предвидени за овие мерки, вицепремиерот вели:

„Не повеќе од тоа што е до сега трошено, годишно, но најважно е дека тоа ќе биде транспарентно дека никој нема да има потреба да доаѓа   во нашите канцеларии да преговара за помош“, вели Кочо Анѓушев – Вицепремиер за економски прашања

Иако нема прецизна вкупна сума, сепак од Владата велат дека парите се предвидени во буџетот за 2018, а понатаму ќе се зголемуваат правопропорционално со остварените резултати. За имплементацијата на овие мерки, ќе бидат задолжени Дирекцијата за технолошко индустриски зони, Агенцијата за странски инвестиции и Агенцијата за поддршка на малите и средни претпријатија. Странските инвеститори кои веќе земале субвенции нема да може да аплицираат за новите мерки. Во наредните две недели, драфт верзијата ќе се најде на неколку јавни расправи.


Кристина Атовска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.