ССМ дава поддршка за постепено зголемување на старосната граница за пензионирање

10.02.2018 | 18:07
Прочитано: 6859

Работодавците не се согласуваат на зголемување на стапката на придонес за пензиско осигурување, како можно решение за спас на ПИОМ. Миле Бошков вели дека, ако товарот од повисоките давачки падне врз бизнис секторот,  на тој начин ќе се зголемат трошоците за работа, што е спротивно на економската логика на секоја компанија.

„Ќе се намалуваат платите за да се намали тој трошок бидејќи е наметнат, потоа може да се отпуштаат работници, затоа што има компании кои имаат вработени 10, а други 1.000 вработени. Зголемете го процентот и според тоа ќе дојде момент дека најдобро е тие работници во некоја варијанта да бидат на црно, во сивата економија“, вели Миле Бошков - Конфедерација на работодавачи

Бизнисот очекува поголема транспарентност на трошењето на парите во ПИОМ. Но и бара државата да се справи со сивата економија, која е нелојална конкуренција на компаниите. Борба со неплаќачите на даноци очекуваат и синдикалците. Сојузот на синдикати го поддржува постепеното зголемување на старосната граница за пензионирање. Но се против нереалното зголемување на пензиите.

„Се залагаме за законски измени согласно кои покрај возраста и стажот да биде основ за пензионирање. Да се преземат мерки за намалување на неформалната економија и да се спречи иселувањето на високо едуцирани млади луѓе“, велат од ССМ.

Од Министерството за труд велат дека набрзо ќе излезат со модел за стабилизирање на ПИОМ.

„Во ова партнер ни е Светска Банка, како креатор и поддржувач на пензиската реформа, па тие од своја страна ангажираа консултанти кои прават актуарски анализи и работат на можни решенија“, велат од Министерството.

Институтот „Фајнанс тинк“ предложи постепено зголемување на границата за одење во пензија и повисоки придонеси, како можно решение за намалување на дупката во пензискиот фонд.

За исплата на пензии оваа година ќе бидат потрошени 880 милиони евра. Фондот обезбедува само половина, останатите пари се префрлаат од централниот буџет.


Ружица Фотиновска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.