Средношколки од Струмица со проект за отворање училишни ресторани за здрава храна

12.10.2018 | 12:18
Прочитано: 1619

Почна да функционира веб-платформата за нарачка на здрава храна. Ова е само дел од проектот на тимот од пет средношколки од трета година при СОУ „Јане Сандански'' со кој победија на натпреварот за иновативни проекти на Фондот за иновации и технолошки развој.

Целта им е да се развие мини ресторан за подготовка и продажба на здрава храна како социјално претпријатие.

„Целта беше решавање на одреден социјален проблем, конкретно во нашиот случај тоа е недостиг на здрава храна односно непостоење место за подготовка и продажба на здрава храна во Струмица“ - вели Верица Ахтарова, ученичка.

Освен Ахтарова во проектот „Биди зелен ти“ вклучени се и Ивана Трајковска, Лина Стојанова, Викторија Даниловска и Миа Јанева.

Јанева објаснува дека на стартот од функционирањето на ова социјално претпријатие таргет ќе бидат средношколците кои се помалку консумираат здрава храна.

„Ние тргнавме од фактот дека наши директни корисници се средношколци, најефикасен начин за меѓусебна поврзаност решивме да биде веб страната“ - рече Миа Јанева, ученичка.

Тимот предводен од професорките Стаменка Џорлева и Македонка Манушева тврдат дека проектот има социјална компонента во кој ќе бидат вклучени повеќе страни.

„Исто така треба да истакнеме дека наши добавувачи ќе бидат СОУ „Димитар Влахов“ - вели Лина Стојанова, ученичка.

Екипата на „Јане Сандански“ од Струмица добија награда од 2.000 евра за да целосно се разработи целиот проект.

„Ние како училиште ќе направиме се да помогнеме и финансиски и логистички за оваа идеја да биде пример за другите училишта во Македонија“ - изјави Невенка Стојанова, директор на СОУ „Јане Сандански“.

Овој проект беше најдобар во конкуренција на 100 апликации од училиштата во Македонија.


Ване Трајков
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.