Средба на Димитров и Коѕиас во Солун

11.01.2018 | 20:03
Прочитано: 2665

Во хотелот Македонија Палас во Солун, далеку од камерите и новинарските прашања повеќе часа разговараа министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас. После разговорите немаше ниту изјави за медиумите, а главната вест во соопштение ја прати министерството за надворешни работи, од каде велат дека двете земји очекуваат на следната рунда преговори со Метју Нимиц на 17 Јануари да се постави основа за конечно решение за спорот.

„Министрите изразија заедничко очекување дека на претстојниот состанок на 17 јануари 2018 г., личниот претставник на Генералниот секретар на ООН г. Нимиц, ќе стави на маса инцијална рамка со која суштински ќе се напредне во надминувањето на разликата околу името. МНР Димитров и МНР Коѕијас разговараа за методологијата, за пристапот на двете страни, како и за рамката на процесот за надминување на разликата околу името, и се сложија да имаат подиректна улога во разговорите со цел надминување на разликата околу името.“

Според неофицијални извори на ТВ 24 денешната средба со тајно време и локација била од таков вид на барање на грчката страна, а целта била во овој период да се избегнат новинарските прашања. Посетата на Димитров на Грција доаѓа еден ден после посетата на Атина и средбата со Коѕиас на вицепремиерот Бујар Османи, кој синоќа во Анализата на ТВ 24 кажа дека и Грција е свесна дека за идентитетот не може да се преговара.

„Не може да се преговара за идентитет. Идентитетот не е прашање за кое може да се преговара. Мислам дека и тие тоа така го поставуваат,   меѓутоа се обидуваме да најдеме решение  кое ќе ги надмине овие разлики“ - изјави Бујар Османи, вицепремиер за евроинтеграции.

Инаку денеска и лидерот на грчката опозициска Нова Демократија Киријакос Мицотакис ја критикуваше тајновитоста на средбата Коѕиас – Димитров и ја повика владата во Атина да прекине со тајна дипломатија и да ја информира опозицијата за што се преговара со Македонија.


Сеад Ризвановиќ
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.