Спор за името – ќе донесе ли новата рунда конкретен предлог

12.01.2018 | 17:41
Прочитано: 1040

Во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ 1, претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис вели дека е оптимист дека годинава може да се дојде решение за името. Вуцис вели дека заинтересираноста на меѓународната заедница да се реши спорот исто така создава позитивен момент, што е истата порака која ја повторуваат и македонските власти.

„Ова прашање беше одложувано долги години. Ова е важна шанса за негово решавање што може да се искористи и јас сум оптимист сите се заинтересирани за затворање на ова прашање, особено ЕУ, НАТО и соседните земји. Во врска со спротивните ставови што ги искажува Панос Каменос, лидерот на независни Грци,  не очекувам проблеми и ќе биде постигнато владино единство и парламентарно мнозинство во врска со евентуалниот договор за прашањето за името“, вели Никос Вуцис, претседателот на грчкиот Парламент

Синоќа после средбата одржана на претходно ненајавена локација и време во Солун, на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Димитров и Коѕиас, министерството за надворешни работи соопшти дека двете земји очекуваат на 17 Јануари медијаторот Метју Нимиц да постави основа за решение за спорот. Претходно и вицепремиерот Бујар Османи кој исто така беше во Атина најави дека се очекува медијаторот Нимиц во Њујорк да стави конкретен предлог на маса.

ТВ 24 дознава дека во оваа фаза на преговорите, со свои предлози до медијаторот активно учествуваат и македонската и грчката страна. Денеска во Скопје вицепремиерот Османи се сретна и со Геновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и проширување на ЕУ, и вицепремиерот меѓу другото порачал дека се отворени редовни канали на комуникација со Грција и се очекува на крајот да се резултира со атмосфера на доверба во која ќе може да се затвори и прашањето за името“.

А влијателниот руски весник „Комерсант“ анализира дека Македонија и Грција се блиску до договор за спорот со името,  а конечното решение ќе доведе до сериозни геополитички промени на Балканот бидејќи Скопје ќе добие повик за членство во НАТО. Весникот наведува и дека конечниот договор за името може да биде постигнат веќе следната недела во Њујорк, и затоа новата рунда преговори може да биде клучна.


Сеад Ризвановиќ
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.