Со доделување на наградите завршија Рациновите средби 2018

16.06.2018 | 13:03
Прочитано: 1405

Младиот македонски писател Игор Станојоски го доби највисокото рациново признание, за својот роман со наслов „Диссомнии“. Наградата му беше врачена синоќа, во велешкиот театар, на свеченоста по повод затворањето на јубилејната 55та меѓународна поетска манифестација „Рацинови средби“. Пишувањето е патриотски чин, бидејќи македонскиот јазик најубаво се чувствува и најбрзо расте во делата на македонските писатели, рече Станојоски.

„Дел од предизвиците пред кои стои денес македонскиот писател имаат допирни точки со книжевниот подвиг на Кочо Рацин. И денес македонскиот писател мора да ја води вечната битка за своето оружје – македонскиот јазик. И денес се очекува од македонскиот писател да спречи некои општествени текови, а тие задачи не се лесни. Цицаат многу енергија, а на крајот веројатно ќе бидеме поразени“, вели Игор Станојоски – добитник на Рациново признание

Станојоски откри дека својата наградена книга ја пишувал минатата година, а ја завршил за шест месеци. Романот обработува модерна тема, во која има и политика и обоена револуција, но и љубов, неверство и хорор. Наградениот писател ја  поддржа идејата да се организираат што е можно повеќе вакви манифестации, на сметка на кичот.

„Рацинови средби да станат манифестација која ќе ја надмине популарноста на питијадите и слично, така што и ние писателите го имаме истиот проблем да освоиме што повеќе читатели“, вели Игор Станојоски – добитник на Рациново признание

Жирито на манифестацијата одлучи почесното рациново признание годинава да го добијат Хрватката Дијана Влатковиќ и Македонката која живее во Хрватска Борјана Прошев Оливер. Тие се авторки на првиот македонско-хрватски речник, издаден во 2015 година, а во Македонија промовиран минатата година.

„Нам на авторите на Хрватско-македонскиот речник е и понатаму да истрајуваме на приближување на хрватско – македонските филолошки и секакви други врски, бидејќи, без сомнеж, културата од која се составен дел и речниците на најубав начин ги поврзува и луѓето и народите“, вели Борјана Прошев Оливер – добитничка на Почесно Рациново признание

Наградата „Антологија на болката“, за најдобра картичка инспирирана од оние кои Рацин и ги испраќал на неговата муза Раца, годинава ја доби Емилија Каранфиловска. 55 Рацинови средби кои годинава поврзаа уште два јубилеи, 110 години од раѓањето и 75 години од трагичната смрт на основоположникот на македонската модерна литература Коста Рацин, завршија со концерт на групата Љубојна.


Владимир Тевчев
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.