Со „Балканот не е мртов“ вечерва се затвора Браќа Манаки

21.09.2012 | 13:02
Прочитано: 1641
Македонскиот игран филм „Балканот не е мртов“ на режисерот Александар Поповски е последниот филм во конкуренција на 33-от по ред ИФФК „Браќа Манаки“ кој вечер завршува во Битола.
 
На денешната средба со новинарите, а во пресрет на вечерашната премиера, режисерот Поповски истакна дека идејата за филмот почнала во 1994 година кога токму во Битола на сцената на народниот театар во овој град ја гледал истоимената театарска претстава на режисерот Дејан Дуковски.
 
- Тоа што тогаш ми се допадна и до ден денес се обидувам да го пренесам на филмско платно, тоа е преубавата приказна на Дуковски и користењето на еден многу убав јазик кој беше користен за раскажување на самата приказна. Кога почнавме текстот да го преточуваме на филмско платно ние се обидовме да го сочуваме тој јазик. Во филмот е креиран еден имагинарен простор, во филмот креирам еден сопствен јазик и за тоа имав поддршка од продуцентот Насков. Се обидов да дефинирам што значи Балканот, како да го претставам Балканот и овие простори, посочи Поповски.
 
Во филмот „Балканот не е мртов“ за прв пат пред филмофилите ќе се појави и актерката Драгана Костадиновска која ја толкува улогата на Анѓа, а покрај неа настапуваат и актерите Никола Ристановски, Наташа Тапусковиќ, Раде Шербедџија и Никола Ацески.
 
- Филмот за мене претставува еден многу убав спомен. Креиравме една бајка за возрасни. Кога снимавме мислам дека се чувствував како да сум во некој друг свет, рече Костадиновска.
 
Со премиерната проекција на „Балканот не е мртов“ и со доделување на наградите златна, сребрена и бронзена „Камера 300“ за најдобрите годинешни кинематографери, како и со врачување на златна „Камера 300“ - специјална награда за животно дело на италијанскиот кинематографер Лучано Товоли ќе биде спуштена завесата на најстариот фестивал на кинематограферите во светот, кој 33 години се одржува во Република Македонија, ИФФК „Браќа Манаки“-Битола.

Коментари (1)

Aloooo

Festivalov e na filmskata kamera, a vie pisuvate za se samo ne za kinematograferot na ovoj film. Vistinsko novinarstvo, nema sto!?

The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.