Скопје кандидат за домаќин на ЕП во ракомет во женска конкуренција

13.01.2018 | 18:19
Прочитано: 1633

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска во Загреб учествуваше на работниот состанок за заедничката кандидатура на Македонија, Словенија и Црна Гора за организација на европското првенство во ракомет во женска конкуренција во 2022 година. Како градови организатори на ова првенство ќе бидат Скопје од Македонија, Подгорица од Црна Гора и Целје и Љубљана од Словенија.

На официјалното поднесување на кандидатурата присуствуваа и градоначалниците на Загреб, Подгорица и Љубљана, како и претседателите и претставници на ракометните федерации на Македонија, Црна Гора и Словенија, вклучувајќи и високи преставници на Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Шилегов, како што информира Град Скопје, во своето обраќање нагласил дека Скопје ужива углед на добар домаќин и оти има потенцијал достоинствено да ги прими туристите и љубителите на ракометот, да им обезбеди добра забава и пријатен престој за време на европското ракоментно првенство во женска конкуренција.

Тој потсетил дека Град Скопје години наназад организира големи спортски настани како УЕФА Супер купот Скопје 2017, меѓународниот Скопски маратон и други спортски настани за кои со гордост може да се каже дека го вбројуваат Скопје во редот на големите градови кои успешно се соочуваат со овие предизвици.

- Овие типови на големи спортски настани обезбедуваат вклучување на социјалните и културните особености на градот-домаќин во целокупното туристичко искуство на добрите практики од светот. Така обезбедуваме одлична можност да го прикажеме културното наследство на градот, неговата историја и уметност, локалната храна и музика, како и сето она останато што го прави нашиот град уникатен и интересен за посета, истакнал Шилегов.

Македонија испрати заедничка кандидатура со Словенија и Црна Гора за организација на Европското првенство во женска сениорска конкуренција во 2022 година, што ќе се игра во периодот од 4 до 20 ноември 2022 година. Кандидатурата на Македонија, Словенија и Црна Гора е единствена за првенството во 2022 година.

Од РФМ информираат дека во наредниот период ќе следуваат неколку фази за спроведување на кандидатурата, кои меѓу другото, содржат инспекција на одговорните лица од ЕХФ и евалуација на кандидатурата. Конечната одлука за доделување на организацијата на Првенството ќе биде донесена на ЕХФ конгресот што ќе се одржи во Глазгов на 18 и 19 јуни 2018 година.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.