Скопјанка обвинува дека посвоеното дете и било одземено зошто не сакала да даде мито

12.03.2018 | 21:35
Прочитано: 10083

Посвојувањето дете за Кристина Кузманова значело исполнување на животниот сон - да стане родител. Во 2013, на само еден потпис пред и официјално да биде мајка на 5 годишното дете, сонот се претворил во кошмар поради корумпираниот систем – раскажува Кузманова.

Таа тврди дека и биле побарани 2000 евра, сума која прифатила да ја плати откако ќе заврши адаптивниот период. Кога дошло времето за плаќање, сфатила дека шалтерот на кој била упатена, всушност и не постои, а парите требало да ги даде на рака.

„Ми побара пари, 2000 евра и знаев за пари. Јас и побарав на Ленче Коцевска да ми даде црно на бело и ќе ви ги дадам парите. Да имам црно на бело, да не ме терате на шалтер да ви плаќам.“ - вели Кристина Кузманова.

Парите не ги искеширала и тврди дека од тој момент станала предмет на институционален прогон. Веднаш потоа, комисијата за посвојување проценила дека детето не може да живее со бабата која патела од склероза, по што експресно била сместена во геријатрија каде починала само неколку недели по приемот. За неполн месец Кузманова останала и без синчето. Членовите на комисијата за посвојување по чија наредба и било запшано детето во градинката, ја повикале таму и ја обвиниле за малтретирање.  

„Тогаш последен пат го видов. Немаше ни модро. Го тегнеше за рака за да го изнесат надвор,  го влечеше, детето плачеше, само тогаш успеав да го гушнам. Не ми дозволуваа и ме буткаа да не го гушнам.“ - вели таа.

Потоа следел и судски процес, за кој Кузманова тврди дека е монтиран, и е осудена за семејно насилство на 3 годишна условна казна. Тврди дека не и било дозволено да повика сведоци, а фотографиите од повредите кои биле прикажани, според неа, биле од друго, постаро дете. Разговор со детето извршил единствено членот на комисијата кој се водел како старател, и тоа насамо.

„На сликите имаше дете со нормално уше, не беше клемпаво како на моето дете.“ - вели таа.

Телевизија 24 разговараше со надлежен од министерството за труд и социјална политика кој негира дека нивен вработен побарал пари и се повика на судската одлука. Не извести и дека посочената правничка која, според обвинувањата на Кузманова, лично ги побарала парите - нема намера да коментира. Контактиравме со еден од сведоците пред судот - медицинската сестра од градинката која наводно прва ги забележала повредите. Иако прво рече дека не го памети случајот, се сети откако ја прашавме колку пати сведочела на суд за малтретирање. Рече дека детето имало и стари повреди, но не одговори зошто никој претходно не ги забележал ако биле видливи како што пишува во медицинскиот извештај. Со случајот се запознаени и во детската амбасада Меѓаши.

„Ако се докаже дека посвоителот кој дал се од себе, како единствен услов да го поврати старателството, било да даде 2000 евра без докумнет, тогаш се отвара сомнеж кон работата на комисијата за посвојување и министерството за труд и социјала и го повикуваме обвинителството да направи темелна истрага и другте граѓани кои имаат вакви случаји да се охрабрат да зборуваат.“ - изјави Драги Змијанац.

Голем дел од изјавите на Кузманова фрлаат сомнеж врз ситемот, а голем дел од процесот на утврдување на вистината бил неправилен, сметаат од Меѓаши.  

„Според кажувањето на потенцијалната старателка, таа била егзекутирана во самиот старт и било одземено правото. Клучно е сведочењњето на детето и немало правилен процес да се докаже дека детето било малтретирано.“ - изјави Змијанац.

Од Меѓаши велат дека нивната загриженост расте и со тврдењата дека фотографиите од повредите кои биле прикажани на суд - се од друго дете. Според информацијата која ја добивме од министерството, детенцето кое било одземено од Кузманова сега е посвоено од друго семејство.


Кристина Атовска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.