Сирија, земја врз која се проценуваат силите на глобално ниво

16.04.2018 | 17:32
Прочитано: 1954

Можно е Русија да била на местото на наводниот напад со хемиско оружје во сирискиот град Дума, обвини американскиот претставник Кенет Вард на состанокот на Организацијата за забрана на хемиско оружје, барајќи оваа организација да ја осуди континуираната употреба на хемиско оружје.

„Одамна требаше овој Совет да ја осуди сириската Влада поради нејзиниот хемиски терор и да побара меѓународна одговорност за оние кои се одговорни за овие тешки дела“ - Кенет Вард

Официјална Москва соопшти  дека нема да се меша во работата на мисијата на Организацијата за забрана на хемиско оружје, чии иследници во Сирија треба да истражат дали имало напад со хемиско оружје во Дума. И додека САД најавуваат нови санкции кон Русија, турски извори соопштија дека на Босфор биле снимени два руски воени брода кои пренесувале тенкови и воена опрема како засилување на нивните сили во Сирија. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој е во посета на Турција, оцени дека воздушните удари во Сирија, што во саботата ги извршија САД, Британија и Франција, ја намалуваат способноста на сириската Влада да изврши нови хемиски напади.

„Нападите претставуваат јасна порака за сирискиот претседател Асад и Иран дека употребата на хемиско оружје не е прифатлива. Сојузниците нема да стојат на страна и немо да набљудуваат“ - Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО

ЕУ побара од Русија и од Иран да го искористат нивното влијание врз Владата во Дамск за да се спречи во иднина да се користи хемиско оружје. Воздушните напади врз цели во Сиријa се порака дека е доста со користење на хемиското оружје.

„Важно е да се нагласи дека тоа не беше обид за промена на курсот на војната во Сирија, ниту беше обид за промена на режимот“ - Борис Џонсон – министер за надворешни работи на Британија

Францускиот претседател Емануел Макрон пак изјави  дека заедничките воздушни удари на САД, Британија и Франција во Сирија претставувале одмазда, а не чин на војна.

„Според сириските и руските власти, на нивна страна немало жртви. Токму тоа го сакавме" - Емануел Макрон – претседател на Франција

Американскиот претседател Доналд Трамп, пак писмено го известил Конгресот за одлуката за американските ракетни напади врз Сирија. Поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми изјави дека претседателот Трамп е „морално неспособен“ да управува со земјата.

„Сметам дека тој е морално неспособен да биде претседател. Не верувам во тие истории дека тој e ментално некомпетентен или дека е во прв стадиум на деменција“ - Џејмс Коми

Официјален Пекинг соопшти дека е неодговорен воениот напад врз Сирија под изговор дека властите во Дамаск употребиле хемиско оружје, без да се изврши истрага.

 


Христо Марковски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.