Што се треба да знаете за да имате безбедно лето покрај вода!

23.07.2018 | 13:41
Прочитано: 2003

Официјалната летна туристичка сезона полека започнува да влегува во својата „жешка“ фаза. Високите температури, сончевото и спарно време веќе го најавија уредувањето и подготовката на плажите на природните и вештачките езера, како и базените и водените паркови низ земјата. Голем број домашни и странски туристи веќе уживаат во благодетите на водата и водените спортови, а временските услови само го најавуваат популарниот „шпиц“ на сезоната и зголемата фрекфентност во популарните туристички центри.
Како и секоја година, неизоставен дел од летната сезона е присуството на службите за безбедност и спасување на вода, односно на професионално и волонтерски ангажираните спасители на вода.

Црвениот крст на Р. Македонија согласно Законот за Црвениот крст, објавен во Службен весник на РМ бр. 41/94, се грижи за безбедноста на вода во туристичките региони и другите водни објекти. Со своите професионално обучени спасители на вода преку Центрите за безбедност на вода при Црвен крст Охрид и Црвен крст на Град Скопје, а во координација со надлежните институции и субјекти од областа, со низа активности и заеднички координирани симулации уште пред почетокот на сезоната ги подготвија своите човечки и материјални капацитети и утврдија заедничка стратегија за гарантирање максимална безбедност во и покрај водените површини од отворен и затворен тип.
Со цел мирно лето, исполнето со многу насмевки, незаборавни моменти и убави спомени со најблиските, во продолжение ги пренесуваме најзначајните апели од центрите за безбедност на вода при Црвениот крст на Република Македонија и надлежните институции како превенција за безбеден престој во и околу водата.
 
1. Рекреирајте се на обележани и соодветно уредени капалишта

Наместо адреналинските предизвици на непознати и необезбедени места, спасот од летните горештини најдобро би било да го побарате на уредно обележаните капалишта специјално наменети за капење и пливање, односно спорт и рекреација. На ваквите капалишта можете секогаш да бидете сигурни дека сте под будното око на специјално обучените служби за превенција и безбедност во вода.
 
2. Заштитете се од високите температури и штетното УВ зрачење

Навреме заштитете го вашето и здравјето на вашите најблиски и носете лесна и светла облека од природни материјали која ќе ги рефлектира сончевите зраци и значително ќе го намали нивното штетно влијание. Задолжително користете капа и oчила за сонце како заштита од директна изложеност на главата на сончевото влијание, а со тоа и заштита од можноста за добивање на сончаница. Препорачливо е да се туширате со постудена вода во текот на денот и задолжително да правите поголеми одмори под дебела сенка. Избегнувајте сончање и долготрајна директна
изложеност на сонце во периодот од 11 до 16 часот и задолжително нанесувајте креми отпорни на вода и со висок фактор на заштита од сонце.
 
3. Внимавајте на исхраната и пијалоците

Во топлите летни денови внесувајте помало количество на високо калорична и мрсна храна, а бидете посебно внимателни со храната која во услови на повисоки температури лесно се расипува и може да предизвика труење и мачнини во желудникот. Препорачливо е да се внесуваат големи количини на свежо овошје и зеленчук кои се богати со неопходните витамини и минерали, како и консумација на големо количество свежа вода и безалкохолни пијалоци. Не е препорачлива замена на водата за пиење и свежите цедени сокови со кафе и алкохолни пијалоци затоа што истите го дехидрираат телото и го зголемуваат чувството на жед.
 
4. Правилно влегувајте во вода

Не го пропуштајте ова „златно правило“ во заштитата во вода кое вели дека пред секое влегување во водата треба да мируваме неколку минути на длабочина најмногу до колената. Потоа потребно е нежно натопување на деловите од телото каде циркулацијата на крвта е најголема, со цел прилагодување на надворешната температура на телото со температурата на водата. Тоа подразбира натопување под пазувите и на градите, а потоа на вратот и лицето. На крајот можеме безгрижно да влеземе и да уживаме во убавините кои ги нуди водата. Не смее да се заборави и дека пред секое влегување во вода препорачливо е да се направи лесна гимнастика, како превенција од несакани повреди и истегнувања, како и грчење на мускулите.
 
5. Не пливајте сами

Пливањето во друштво и во безбедносните зони обележани на крајбрежјето на езерата ја зголемува вашата безбедност. Во случај на проблем од било каков карактер ќе имате поддршка од најблиските, а не заборавајте и дека сте под постојан надзор на спасителите на вода кои се препознатливи по својата униформа и позиционирани на соодветно обележаните спасителни пунктови.
 
6. Почитувајте ги советите од спасителите на вода

Службите за безбедност и спасување на вода гарантираат максимална безбедност на сите капачи и рекреативци во обележаните зони наменети за капење и пливање. Почитувајте ги превентивните совети, инструкции и сигнализација за безбеден престој во вода. Задолжително побарајте помош доколку почувствувате силна главоболка, вртоглавица, малаксаност, замор, покачена телесна температура или други слични симптоми кои го загрозуваат вашето здравје. Не извикувајте „ПОМОШ“ и не глумете давеници само заради забава, однесувајте се одговорно кон себе, но и кон другите.

7. Користете технички исправни и проверени пловни објекти
 
Доколку се одлучите да уживате користејќи пловни објекти како кајаци, педалинки, скутери и останати реквизити за пловење и забава во вода тогаш задолжително користете елеци и појаси за спасување и проверете ја техничката исправност и пловноста на објектот. Пловните објекти користете ги исклучиво според пропишаните безбедносни правила и протоколи за користење и пловење. Секогаш водете се од правилото дека превенцијата е најдобра заштита.
 
8. Внимавајте на појавата на високи бранови и избегнувајте пливање и скокање од карпи и стрмнини

Иако секогаш изгледаат примамливо и речиси секогаш се незаборавно искуство, сепак појавата на високи бранови и водни струења може да биде многу непредвидлива и опасна. Избегнувајте користење на пливачки помагала или душеци, како и пливање и рекреирање во близина на карпести предели. Водните струи и силата на брановите можат да предизвикаат паника, но и повреди кои настануваат при обид во предел каде условите не го дозволуваат тоа. Изведување на скокови од карпи и стрмнини во најдобар случај можат да ги вознемират посетителите, а во најлошото сценарио да доведат до трагични и несакани последици.
 
НЕ СЕ КАПЕТЕ НА УРЕДЕНИ КАПАЛИШТА КАДЕ ШТО НЕМА СПАСИТЕЛ НА ВОДА И ПРИСУСТВО НА СЛУЖБА ЗА БЕЗБЕДНОСТ И СПАСУВАЊЕ НА ВОДА

   Миодраг Цекиќ - Национален инструктор за безбедност на вода при Црвен крст на Р.М.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.