#СЕГАКАЖУВАМ со поддршка и од институциите

19.01.2018 | 17:29
Прочитано: 2314

Стотици жени и девојки на социјалните мрежи почнаа сега да ги кажуваат своите искуства кога биле жртви на сексуално вознемирување од претпоставен или професор.

Сексуалното вознемирување од позиција на моќ е честа појава во нашето општество, но бројот на пријавени случаи е нереално мал, пред се поради стравот и срамот. Кампањата ја започнаа неколку активистки со пренесување на своето искуство на Фејсбук, се вклучија голем број невладини, а потоа поддршка дадоа и неколку државни институции. Уранија Пировска смета дека ваквата кампања може да ги охрабри жртвите да ги пријавуваат имињата на злоставувачите и вели дека Хелсиншкиот комитет ќе им обезбеди бесплатна правна помош на оние кои ќе ја побараат.

„Многу жени во изминатите денови ги кажаа своите стории дека ќе влијаат на тоа жените да го пријавуваат сексуалното вознемирување особено кога станува збор за од позиција на моќ.  Не сметам дека Македонија како земја така системски функционира да може да обезбеди соодветна заштита “, вели Уранија Пировска – Хелсиншки комитет

Кампањата ја подржа министерството за образование кое соопшти дека  најстрого ќе бидат казнети ваквите сериозни престапи за несовесно и неетичко работење. Министерството за труд и социјална политика ја поддржа кампањата нагласувајќи дека охрабрувањето и истапувањето се важни за промена на свеста. Поддршка дадоа и министерството за здравство и министерството за внатрешни работи според кое пријавувањето е клучно во откривањето на злоставувачите.

„#СегаКажувам за повеќе храброст за пријавување на сексуално насилство и вознемирување, а повеќе пријави значат и повеќе можности за полицијата да го покрене системот за одговорност за насилниците. Ги охрабруваме жртвите на сексуално мотивирани напади да не се повлекуваат пред стереотипите. Повлекувањето само ги потврдува. #СегаКажувам за да бидат насилниците видливи и процесирани“, велат од МВР

Речиси сите здруженија за човекови права се вклучија во кампањата, но сепак имаше и коментари кои вината ја најдоа во жртвите, а злоставувачите ги бранеа дека се испровоцирани.

„Од позиција на моќ тоа е навистина злоупотреба и на функцијата, повреда на работните обврски и притоа секако повреда на правата на жената. Се уште владее оној маскуливички став во општеството дека мажите се тие кои што доминираат“, вели Уранија Пировска – Хелсиншки комитет

Според последните истражувања 97 проценти од испитаниците препознаваат сексуално вознемирување на работното место. Организацијата Гласно против насилство направи анализа на облиците на сексуално вознемирување на работното место, а сексуалното уценување со губење на работното место е на врвот на листата.


Кристина Атовска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.