Седум години од пропаднатиот попис, подготовки за нов во 2020 година

11.10.2018 | 17:25
Прочитано: 906

Седум години од пропаднатиот попис и цели 16 години од последната најголема статистичка операција. Македонија и натаму е единствената земја во светот без валиден попис на населението. Најавите се дека во 2020 година, конечно ќе се преброиме, но созреа ли политичката клима, или е можно е повторно политизација на оваа најкрупна статистичка операција?!

Директорот на Државниот завод за статистика е дециден дека тоа нема да се повтори. Вели подготовките почнаа.

„Со оглед на тоа што единствената причина за пропаѓањето на претходниот попис беше огромното политичко влијание врз оваа инаку статистичка операција, ДЗС ги презема сите неопходни мерки ваквата ситуација да не се повтори. Пописот ќе го спроведе ДЗС, а не политичко тело како што беше случај со Државната пописна комисија во претходниот попис. Ќе се спроведе попишување и на лицата кои се отсутни во странство подолго од една година - што не беше случај во 2011 година“- вели за ТВ 24, Апостол Симовски,  директор на Државниот завод за статистика.

Според него, многу е погрешно размислувањето во јавноста дека Избирачкиот список најдобро може да се прочисти со спроведување попис. Најавите се и дека етничкото пребројување овојпат е можно да се изземе од пописот, бидејќи тоа не е во задолжителните прашања кои ги пропишуваат Обединетите Нации. За експертите пописот е неопходен за земјава.

„Пописот е акција која е од интерес на државата и не треба да подпадне под никакво политичко влијание, за да може се да биде објективно, реално“ - изјави Дончо Герасимовски, поранешен директор на ДЗС.

Лани СЈО отвори истрага против екс-премиерот, Никола Груевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека во личен договор го започнале, па го стопирале пописот во 2011 година. Ги товари дека го оштетиле Буџетот за 3 милиони евра. СЈО треба да утврди зошто пропадна пописот и колку пари се злоупотребени. Специјалната обвинителка Катица Јанева вчера најави дека предметот „Попис“ е пред финиш и дека јавноста наскоро се ќе дознае.

За новиот попис во април 2020 година треба да се ангажираат околу 5.000 попишувачи, а освен корисење податоци на терен, ќе има и податоци од регистри. Се проценува дека оваа операција ќе чини 8,5 милиони евра.


Александра Филиповска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.