Седум години и шест месеци затвор за дедото на Тамара

12.07.2018 | 15:20
Прочитано: 16198

Седум години и шест месеци затворска казна доби дедото на Тамара, Љупчо Стојановски за обид за убиство на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.

Судијката Софија Лаличиќ во образложението на пресудата меѓу другото рече дека одмаздата не е начин и праша дали  "око за око"  е правдата што сите ја сакаме.  Судијката потенцираше дека оштетениот Тодоров е жив не поради тоа што Стојановски не сакал да го убие, туку поради рефлексното наведнување на Тодоров во моментот кога е испукан куршумот.  Според судот, одбраната на Стојановски била базирана на претпоставки и недоверба во системот, а не на докази и факти.

-Дали пукањето во главата на министерот ќе придонесе да нема други Тамари?, прочита Лаличиќ во пресудата. Според неа оваа казна од 7ипол години зад решетки е општествен прекор за стореното.

Обвинителството побара продолжување на притворот до ивршување на почетокот на казната со образложение дека постои опасност обвинетиот да го доврши делото или да избега надвор од државата.

- Не се издржува во притвор, таму е лошо, рече Стојановски.

Но, советот оцени дека поголема е опасноста да го доврши делото и затоа му одреди продолжување на притворот до правосилност на пресудата.

Според одбраната пресудата не е коректна бидејќи судот немал доволно докази за пукањето на пиштолот со тоа што и МВР  потврдила дека обвинетиот немал барутни честички на раката.

Стојановски на 1 јуни минатата година пукаше во поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, откако почина неговата внука Тамара чекајќи операција во странство.

Казната за ова кривично дело, убиство во обид се движи меѓу 5 и 20 години.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.