Се тресе фотелјата на Ципрас

14.06.2018 | 17:12
Прочитано: 6485

„Во договорот постои решение за државјанството, а не за идентитетот, бидејќи не можеме да им го забраниме правото на соседите да се самоопределат како Македонци“, изјави  грчкиот премиер Алексис Ципрас, за грчката  телевизија ЕРТ. Ципрас истакна дека македонската и грчката влада успеале да постигат историски договор  со меѓусебно разбирање и почит.

„Овој договор, тоа што го прави, е да не го потценува правото на самоопределување, тоа не можеме да го направиме. Не можеме да им забраниме да се самоопределат како Македонци.  И јас, но и мојот колега, господинот Заев, во овој период, водевме тешка битка: секој во својата земја, да надминеме предрасуди и опсесии, но и еден организиран обид на „трговци на патриотизам“. - изјави Ципрас.

Лидерот на опозициската Нова демократија Кирјакос Мицотакис изјави дека чувстува   обврска кон грчкиот народ  и го предизвика Ципрас. Предлогот за гласање недоверба го претвори во предлог за гласање доверба за да се види дали постојат 154 пратеници „што се подготвени да кажат „Да“  за потпишувањето на договорот во Преспа.

"Владата ја задуши Грција со даноци. Тоа беше неморално. Неправедно и на сметка на средната класа. Договорот со Скопје е пад што ја прелеа чашата. Договорот Ципрас-Заев е лош договор. Прифаќањето на македонскиот јазик и етничката припадност е неприфатливо национално повлекување.  Владата, во сегашните околности, го нема потребниот легитимитет, така што Нова Демократија, веднаш по завршувањето на оваа дебата, поднесува иницијатива за недоверба на Владата ". - изјави Мицотакис.

Негативни реакции има и од другите опозициски партии.

Од Комунистичката партија на Грција  ја обвинуваат грчката влада дека дава „писмо со препораки“ за интеграција во НАТО и  прифаќа македонски идентитет и македонски јазик.
Од  Златна зора, сметаат дека договорот е предавство и национално неприфатлив и, за в сабота, најавија протест во Солун.

Иако ставовите на опозициски партии во Грција се познати, се поставува прашањето каква ќе биде реакцијата на партијата „Река“, за која  грчките медиуми коментираат дека можеби ќе заземе поинаков став. Според медиумите, претходно во партијата коментирале дека и покрај тоа што договорот има „сиви точки“, тој се движи во позитивна насока.


Елена Милошевска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.