САД ги одложи санкциите за Русија

17.04.2018 | 12:12
Прочитано: 1273

Американскиот претседател Доналд Трамп го одложил воведувањето на дополнителни санкции кон Русија и најверојатно нема да ги одобри ако Москва не направи нови сајбер напади, или не направи некоја друга провокација, соопшти висок претставник на американската администрација.

Американската амбасадорка во ОН во неделата изјави дека Вашингтон подготвува нови санкции кон Русија поради поддршката на сирискиот претседател Башар Ал Асад, но според високиот американски претставник, амбасадорката овој пат истрчала пред време.

„Вашингтон пост“ пишува дека по најавите дека санкциите ќе влијаат врз компаниите што помагаат со опрема за извршување хемиски напади во Сирија, Трамп одржал консултации со неговите советници за национална безбедност.

„Трамп бил вознемирен што санкциите биле јавно најавени бидејќи не се чувствувал сигурен дека постои потреба за наметнување на санкциите“, пишува Вашингтон пост.

Руската државна Дума, пак реши идниот месец да го проучи предлог-законот за руските контра-санкции против САД. Законот во кој се наведени контра-мерки бил поднесен во петокот.

Според извештаите на руските медиуми, нацрт-законот е подготвен како одговор на новите санкции на САД објавени на 6 април. Претседателот на државната Дума Вјачеслав Володин не сакаше да елаборира за какви мерки станува збор.

„Во Думата била постигната согласност дека за ваков предлог-закон треба да се разговара со експерти. Текстот со предлог мерките се доставени и до претседателот на Руската федерација“, изјави Вјачеслав Володин – претседател на руската дума.

Сепак, како што се дознава, во предлог текстот се забранува увоз на земјоделски производи, тутун и алкохол од САД и други земји кои учествуваат во антируските санкции.

Исто така се предлага ограничување на соработката меѓу Русија и овие земји во нуклеарната индустрија и индустријата за ракетни мотори, како и во авионската индустрија. Русија смета дека американските санкции претставуваат форма на нелојална конкуренција и дека секој одговор ќе биде во согласност со интересите на Русија.


Христо Марковски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.