Рот: Договорот уникатна шанса за отворање на вратите на ЕУ и НАТО

14.09.2018 | 15:22
Прочитано: 733

Македонија испишува историја, не само национална туку и европска. Со Договорот потпишан со Грција за надминување на разликите околу името имаме уникатна шанса за отворање на вратите на ЕУ и НАТО. Би сакал што поскоро македонските пријатели да ги видам во групата пријатели обединети во двете асоцијации, истакна денеска во Охрид државниот министер за Европа при германското МНР Михаел Рот кој се наоѓа во работна посета на Македонија.

„Би сакал да ги охрабрам луѓето во вашата прекрасна земја да ја прифатат оваа историска можност. Доколку го поддржите договорот, тоа ќе биде значаен знак дека Македонците се силно посветени на демократијата, владеењето на правото, независноста на судството, тие ќе станат круцијален дел на обединета Европа. Мора да ја продолжиме нашата соработка, нашето пријателство, заедничките обврски, така што сум голем оптимист во таа насока“, истакна тој.

Шефот на македонската дипломатија Димитров од своја страна истакна дека посетите на канцеларката Ангела Меркел, денешната посета на Рот, како и веќе најавените посети на неговиот германски колега, како и министерката за одбрана, се потврда на силниот интерес на Германија за Македонија конечно да застане на нозе и да зачекори напред.

„На 30 септември имаме голема, историска крстосница. Мислам дека ќе успееме, влогот е голем, пораките се јасни, никој не знае дали оваа наша генерација ќе има следна шанса. Јасно е дека Договорот тешко поминува и во Грција тоа значи дека е одвај најден заеднички јазик. Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик, вчера премиерот во Стразбур првпат се обрати на македонски јазик, доби овации. И ако вчера Европарламентот стана на нозе за европска Македонија, ние ќе станеме на нозе за истата кауза и на 30 септември“, рече Димитров.

Македонскиот МНР нагласи дека се работи за целосно напартиско прашање, што нема врска со Влада, со градоначалниици, не се локални ниту парламентарни избори туку, како што рече, за иднината на Македонија и сите нас како нејзини граѓани.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.