Родителите на загинатите дечиња од Велес со потресна приказна пред камерата на тв 24

21.06.2018 | 19:15
Прочитано: 24973

Ден по трагичниот настан во кој во пожар животот го изгубија три деца, родителите пред камерата на ТВ 24  раскажуваат за трагедијата што ги снајде. Ги сретнавме пред остатоците  од она што пред само еден ден им бил дом. Иако сиромашни,  велат секогаш се грижеле за децата да им дадат колку можат.

„Се е изгорено до темел. Изгубив три дечиња, се е изгубено, нема надеж за нас“, вели  Никола Давчевски
Ги сретнавме пред остатоците од она што само пред еден ден им бил дом. Иако сиромашни, велат, секогаш се грижеле за децата да им дадат  колку што можат. 

„Трите ги изгубив наеднаш“, вели Марина Антониевски

Отишле во продавница да купат храна за децата. Се задржале половина час. Кога се вратиле куќата била во пламен. Се сомневаат дека пожарот бил подметнат.  Семејството четири години живее во оваа импровизирана куќа. Лути се на  државата и односот кон семејствата како нив. Велат сега секоја помош е задоцнета и бесмислена.

„Немав ниту струја ниту вода, барав помош и од општина и од социјално, ми помогнаа со две илјади денари. Сето ова со жената сме го направиле и сега после четири години се ни се уништи“, вели  Никола Давчевски

Семејството сега не знае каде ќе живее. И она што го имале пожарот им го однесе. Минатата ноќ ја поминале во противпожарната служба.

„Сега сме на улица, а три деца во гроб“, вели Никола Давчевски

И денеска јавното обвинителство беше на местото на настанот.  Од велешката полиција велат дека преземаат дејствија  за утврдување на евентуална кривична одговорност.
„Има траги, се собраа некои докази, ќе се направат анализи. Се што ќе се собере и ќе се анализира ќе се искористи за утврдување на кривична одговорност на сторителите“, вели Верољуб Додовски – Портпарол на СВР Велес

Куќата на семејството се наоѓа буквално среде шума, а патот до таму е тешко пристапен. Два часа им требале на пожарникарите за да го изгасат пожарот.

„Почнавме да го расчистуваме теренот, помогна и таткото и кажуваше каде би можеле да се децата. Детето на четири годишна возраст прво го најдовме и беше полу изгорено, потоа второто и на крај најмалото. Дојде потоа и јавен обвинител. Пожарот се локализира до осумнаесет часот, а останавме тука до дваесет и еден часот. Остана и дежурен полицаец затоа што имаше сомнежи дека пожарот е подметнат“, вели Љупчо Лепидовски – Командир на Противпожарна служба – Велес 

Миризбата од чадот што се уште се чувствува и руините од куќата во која вчера избувна пожар во кој животот го изгубија три деца останаа да сведочат за ужасната трагедија која ја потресе Велес но и целата македонска јавност.  


Ивана Стојкова
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.