Решението за името не зависи само од Македонија

12.03.2018 | 17:14
Прочитано: 1188

Ситуацијата со преговорите со Грција се менува секојдневно и од тоа зависи оптимизмот за евентуално решение, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров за време на средбата со полскиот колега Јацек Чапутович, кој е во посета на Скопје. Димитров вели дека Македонија сака решение но дека во преговорите има и друга страна.

Не е се во наши раце. Се обидуваме да најдеме решение што ќе ги покрие грижите на двете страни во смисла на дистинкција меѓу државата Македонија и регионот Македонија во Грција, но дистинкција што ќе биде достоинствена и нема да навлезе во идентитетските прашања на двете страни. Две европски држави во 21 век кои споделуваат географски регион Македонија треба и мора да најдат начин како да споделуваат и такви културни наследства, дури и тогаш кога под поимот подразбираат различни работи или ставаат различен акцент.“ - изјави Никола Димитров, министер за надворешни работи.

Полскиот министер Чапутович се надева дека разговорите меѓу Македонија и Грција, ќе завршат успешно.

Забележуваме големи гестови од македонска страна, на пример како промената на името на аеродромот, како и подготвеност за дискутирање за прашањето поврзано со името на земјата. Од друга страна забележуваме и очекување на македонската страна да се обрне внимание на одредени прашања поврзани со идентитетот. Ќе видиме како ќе се одвиваат овие разговори, но, сакам да кажам дека одредени очекувања на македонската страна се поврзани со зачувување на државниот идентитет, а тоа е многу важно и треба да биде земено предвид.“ - изјави Чапутович, министер за надворешни работи на Полска.

Министерот Димитров не прецизираше кога ќе дојде во Македонија неговиот грчки колега Никос Коѕијас кој треба да ја донесе грчката нацрт спогодба за решавање на спорот, и вели дека е можно кон крајот на неделата да се знае датумот. Грчкиот министер Коѕиас пак во интервју за грчкиот весник Документо го повторува ставот на Атина дека е потребна промена на уставот на Македонија за името да биде за внатрешна и надворешна употреба и да се избегнат идни обвинувања дека се предвидени уставните одредби.

Премиерот Заев од своја страна го повтори ставот на владата дека за името е потребно решение кое ќе ги зачува идентитетот и достоинството на двете земји. Министерот Димитров потврди и дека прашањето за името ќе биде една од главните теми на средбата со американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, кој утре доаѓа во Македонија.



Сеад Ризвановиќ
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.