Реформи во системот за социјална и детска заштита

18.09.2018 | 18:18
Прочитано: 1271

Семејствата кои се во социјален ризик од следната година ќе добиваат и до три пати повисока помош од државата. Владата  најави реформа за која ќе издвои дополнителни 35 милиони евра за да ги извади социјалците од сиромаштија.

Покрај гарантиран минимален приход, буџетот на овие семејства ќе се крпи и со детски и образовен додаток. Сумата која месечно ќе легне на сметката на социјалците ќе биде вкупно до максимални под 200 евра, или приближно колку загарантираната минимална плата во земјава. Но, ќе ги изгубат ако два пати одбијат работа.

„Сите ние како граѓани сме одговорни едни за други и ова е помошта која вие лично ја давате и јас лично како поединец, не како функционер, за некој гкој има помалку ја добие. Ќе им понудиме работни места и двапати ако ја одбие, системот не може да биде одговорен за некој кој не сака да придонесува.“ - вели Мила Царовска министер за труд и социјална политика.

Со социјалната реформа за повеќе од 70 насто од корисниците на социјална помош зголемувањето е трипати повеќе од тоа што го добиваат сега. Ќе расте и бројот на приматели на социјална помош и опфатот на семејства со социјален ризик.
Право на додатоци ќе имаат и семејствата во кои еден член зема минималец, со што неговиот приход ќе се зголеми на 15.500 денари.

Посебен акцент со реформата ќе се стави на децата, па така се очекува наредната година бројот на деца кои примаат образовен додаток од 3.800 да се искачи на 64.316, а тој на деца кои примаат детски додаток од 3.200 на 73.500 деца.


Александра Филиповска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.