Реакција на ТВ 24

22.02.2018 | 18:48
Прочитано: 2281

Телевизија 24 со индигнација ги отфрла наводите на 5-те терестријални телевизии кои низ еден провиден обид за медиумско дискриминирање се обидоа да ја наклеветат Телевизија 24. Нема да го следиме нивниот обид да бидеме вовлечени во медиумско препукување но низ факти ќе ја аргументираме нашата позиција во однос на законот за медиумски услуги, кој минатиов период беше причина за појавените недоразбирања и нејаснотии.

Веднаш напоменуваме дека Телевизија 24 е исклучително задоволна од измените на предлог законот, особено што речиси сите забелешки на нашата Телевизија беа вметнати во законот - а тие беа на сосема принципелна основа - да нема повластени медиуми и телевизии, бидејќи сите сме еднакви пред законите. Се надеваме дека имплементацијата на овој закон ќе придонесе да се надминат девијантните појави од минатото кога најголем дел од овие терестријални телевизии беа ставени во функција на пропагандата на тогашната власт, целосно занемарувајќи ги професионалните и етички стандарди на новинарството. Впрочем, и слободумната јавност но и бомбите на тогашната опозиција успеаа да ги разобличат начините на кој нивните газди и уредници беа корпумпирани, правејќи од нивните новинари слуги на тогашната власт. Искрено  се надеваме дека овој закон ќе ги раскине стегите на власта, бизнисот и медиумските газди, и дека ќе успее да ги врати во новинарски колосек луѓето што заборавија да размислуваат новинарски.

Сепак, не сме убедени дека ова ќе биде лесна работа. После вчерашното соопштение на овие телевизии, станува јасно дека тие и натаму се далеку од новинарските води, и дека се обидуваат, додворувајќи се на новата власт, да удрат врз професионалното новинарство. Се обидуваат преку измислици и празни флоскули да создадат впечаток во јавноста за медиумска концентрација на Телевизија 24 и Телекабел. Такво нешто не постои, што може да се утврди од документите кои се достапни за јавноста и надлежите институции.

Ја повикуваат Владата да ја истражела наводната медиумска концентрација, а ако само малку ги погледнат законите ќе видат дека Владата не е таа што истражува, туку институциите што ги регулираат медиумската област. Но, овие телевизии се уште не можат да се одвикнат да зивкаат и да плачат во Владата, како што тоа го правеа порано, во време кога беа на жешка линија со министрите и началниците кои им ги даваа подготвените текстови во кои распнуваа свои колеги или противници на тогашната политичка гарнитура. Би ги охрабриле малку повеќе да се информираат кога пишуваат сопштенија и да се држат до законите. Но, стравот од надоаѓачката конкуренција, и барањето на Телевизија 24 за добивање национална концесија е посилен од фактите. Во недостиг на владините пари со кои со години ги затнуваа устите на своите уредници и новинари, сега се уплашени, бидејќи пазарот го препознава квалитетот како единствено мерило на успешноста. Затоа  со панични соопштенија вршат притисок врз Агенцијата за медиуми да не давала концесија на ТВ 24, како да е тоа волја на поединци во Агенцијата, а не законска регулатива.

Малку за нас. ТВ 24 постои 7 години. Зрачиме на државно ниво. На пазарот во континуитет промовиравме и промовираме професионалност, проверени информации, истражувачко новинарство. Гледачите тоа го препознаа па не случајно во македонското јазично подрачје според анкетата на американскиот републикански инстиут сме втора телевизија за вести, а според речиси сите досегашни извештаи на ОБСЕ, но и на домашните агенции како АВМУ една од неколкуте телевизии кои во континуитет презентираат балансирани и  непристрасни вести, ние би додале, водени пред се од новинарски, а не од началнички побуди. Во поново време програмата ја збогативме со урбани телевизиски продукти -серии и филмови, и најавуваме дека тука нема да застанеме. Наредниот период следуваат новини кои повторно како и досега ќе бидат препознаени од гледачите. За целото време, за разлика од останатите телевизии многу внимаваме да не продаваме евтини турбо фолк програми, ниту серии од сапунски маштап, туку грижливо ги одбираме проектите влијаеќи постојано кон едукативниот пристап на публиката,  грижејќи се за застапеноста на македонскиот јазик, многу повеќе отколку што тоа го правеа и прават некои од терестријалните телевизии.

И на крајот, уште еднаш да се навратиме за Законот за медиумски услуги. Како што веќе потенциравме ТВ 24 е задоволна од текстот на законот, но тоа не значи дека нема да дадеме право на останатите заинтересирани страни да си го искажат своето мислење, во случајов операторите - носачи на тв канали.  Би промовирале цензура, таа против која толку силно се бориме и се боревме, ако ги следиме само себичните интереси и не обезбедиме пристап за оние што имаат поинакво мислење за законот. Ние како Телевизија сме на линија на одредбите дека почитувањето на авторските права е клучно за напредокот на телевизискиот бизнис и дека тие мора строго и доследно да се почитуваат, а на слично мислење се, како што можевме да видиме од соопштенија и речиси сите кабелски оператори. Тие, според нивните соопштенија имаат дилеми само во однос на техниката како тоа да се изведе за да може да биде гарантираната неповредивоста на авторските права - односно законот да биде применлив и одржлив. а за тоа - сите се залагаме еднакво.

Со почит
Телевизија 24


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.