Реакции за отстранување на споменикот на Ќосето

23.02.2018 | 17:16
Прочитано: 2951

Ќосето повторно ги наостри копјата на опозициската и владејачката партија. Отстранувањето на споменикот новиот лидер на ВМРО ДПМНЕ го нарече чин на омраза, а партијата на власт ја спореди со ИСИС и талибанците. Мицковски со намера еден ден повторно да го врати Ќосето.

„Тоа е чин кој го практикуваат ретроградни сили како ИСИС во Сирија и талибанците во Авганистан. Едно е сигурно, ќе дојде ден овој споменик да биде поставен на местото на кое заслужува. Исто така ќе дојде ден и кога овие што го прават ова ќе се срамат за своите постапки и во тоа ве уверувам“, вели Христијан Мицковски – претседател на ВМРО ДПМНЕ

Владејачката СДСМ возврати. Тие сметаат дека Мицковски нема сила да ја демократизира партијата.

„Христијан Мицковски покажува дека нема капацитет да ја надмине матрицата на делување и функционирање на Никола Груевски. Споменикот дивоградба беше поставен незаконски, без почитување на процедурите и неговото отстранување става крај на насилното, своеволно поставување споменици кои служеа за остварување на криминални интереси, предизвикувајќи поделби меѓу граѓаните“, велат од               СДСМ

Осуда за изјавата на Мицковски пристигна и од Либерално демократската партија.  Споменикот на Андон Јанев Ќосето беше отстранет откако градежниот инспекторат утврди дека се работи за дивоградба, а градоначалникот Шилегов најави дека очекува повеќе такви решенија. За спомениците дивоградби се огласи и партијата на Ванчо Шехтански.

„ТМРО очекува Петре Шилегов да постапи по одлуката од февруари 2016, која Коце Трајановски не сакаше да ја спроведе и веднаш да го отстрани споменикот на УЧК, кој е дивоградба во Чаир и кој градските власти мора да го отстранат со оглед дека Општина Чаир нема донесено таква поединечна одлука“ - Ванчо Шехтански

И двоглавиот орел е еден од спомениците чиј легалитет беше оспоруван. Град Скопје и општина Чаир ја докажуваа законитоста, но статусот за споменикот се уште е нерешен. Голем дел споменици од проектот Скопје 2014 се истражуваат од Специјалното, но и основното јавно обвинителство, а беа предмет на истрага и на министерството за култура кое констатираше прекршувања на неколку закони при носењето одлуки за поставување споменици. Министерството констатираше дека е спорна законитоста и на споменикот на Мајка Тереза и на Воинот на коњ. На местото на Ќосето ќе никне дрво за човекови права за кое градот Скопје објави дека ќе плати околу 5000 денари.


Кристина Атовска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.