Реакции за кадровските решенија во скопските средни училишта

13.02.2018 | 15:12
Прочитано: 2262

Во скопските средни училишта се е исто како и во изминативе десетина години – алармираат група наставници и бараат од градот Скопје да ги смени директорите поставени од претходната власт. Во писмото адресирано до градоначалникот, Петре Шилегов, наставниците посочуваат дека и натаму се жртви на мобинг, притисоци и понижувања.

„Не сакаме да веруваме дека Вие или никој од вашиот тим не начул за тоа во какви услови работиме, ние коишто не направивме „злосторнички здружувања“ со корумпираните партиски послушници, кои Груевски ги постави за директори на училиштата. Каков пример им давате на децата со тоа што индивидуи кои на телевизиските екрани ги гледаа како се обидуваат насилно да го урнат уставниот поредок на земјава – сѐ уште се директори на нивните училишта?“ - пишува во писмото.

Извори на ТВ 24 посочуваат дека овие наставници во своите класови имаат десетмина повеќе ученици од законската граница, имаат полн фонд на часови иако се пријавени и платени само за половина, а секојдневно се изложени на разни опструкции.

Наставничкиот пленум официјално не стои зад содржината на писмото, сепак оттаму за ТВ 24 велат дека се запознаени со притисоците и ја поддржуваат борбата за департизација на образовните институции, но ги охрабруваат нивните колеги јавно да се потпишат зад барањата.

Од Министерството за образование пак велат дека надлежните инспектори веќе работат на претставките пристигнати за мобинг, притисоци или незаконско работење.

„Во врска со конкретниов случај, именувањето на директори не е во надлежност на МОН, меѓутоа државниот просветен инспекторат по пристигната претставка за незаконско работење ги истражува таквите наводи. Доколку бидат констатирани неправилности, се преземаат мерки пропишани со Закон.“

Иако директно посочен во отвореното писмо, до овој момент реакција не стигна ниту од градоначалникот Шилегов, ниту од службите на Град Скопје.

Минатата недела пак директорката на ГУЦ „Здравко Цветковски“ Драгица Кострадиновска отпуштила професорка која девет години работела во училиштето на определено време, а на нејзино место вработила нов човек. Дел од вработените изразија сомнеж и дека во училиштето се водат двојни книговодствени евиденции. Државниот просветен инспекторат потврди дека извршиле вонреден инспекциски надзор, но детали најавија дополнително.


Христијан Баневски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.