Расправа за законот за јазици

21.09.2017 | 17:15
Прочитано: 1339

Сериозни обвинувања и жестока расправија на четвртото продолжение на собраниската седница на која се дебатира за предлог-законот за употреба на јазиците. Атмосферата во пленарната сала ја вжешти говорот на пратеникот Антонијо Милошоски, кој од говорница обвини дека преку законот владеачкото мнозинство сака да го прикрие, како што рече, криминалот на градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта.

„Нема потреба од овој закон, обичниот Гостиварчанец има потреба од работно место, но каде? Наоѓа работа во двата тргговски центри, сопственост на градоначалникот Бејта, од кој едниот е дивоградба.“ - вели Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Испровоциран од ваквите обвинувања, спикерот Талат Џафери, му одговори на Милошоски да не ја злоупотребува говорницата со невистини и навреди на етничка основа.

„Да земете да си го читате предговорот на последната книга на Стојан Андов, каде ви укажува за улогата на Албанците во деведесетите години по однос на доофурмањето на приемот на Македонија во Обединетите Нации.“ – изјави Џафери.

Пратениците на опозицијата и денеска останаа верни на тактиката преку меѓусебни реплики да ја одолговлекува расправата. Според мнозинството, но и според спикерот Џафери, ваквото однесување има за цел да ја закочи работата на Собранието.

Опозиционерите, пак, во репликите меѓу себе си го повторија ставот дека предложените измени во законот за употреба на јазиците се неуставни и ќе доведат до дополнителни поделби помеѓу Македонците и Албанците во земјава. Пратениците од СДСМ, пак, се убедени дека опозцијата ќе гласа „за“ законот, бидејќи, како што велат, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ниту самите не веруваат во она што го зборуваат.

„По локалните избори, кога ќе заврши второто читање на законот, вие ќе го гласате законот за употреба на јазиците и тоа ќе биде едно од најголемите политички порази. Наместо да ја злоупотребувате говорницата за непродуктивни дебати, да кажете за соживотот.“ - изјави Фросина Ременски од СДСМ.

Предлог- законот заглави на расправа во пленарната сала, откако за збор се пријавија над 40-мина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно беше поддржан на три комисии... Доколку биде изгласан на пленарна седница, предлогот ќе премине во втората фаза од постапката, кога може да се поднесат и амандмани. И власта и опозицијата најавија дека ќе предложат измени во текстот, а доколку предлогот биде усвоен без да претрпи измени, ВМРО- ДПМНЕ, најави дека ќе поднесе иницијатива и до Уставниот суд.

 

 


Христијан Баневски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.