Протест во Софија поради одбивањето на БПЦ да учествува на чествувањето 1000 години Охридска архиепископија

16.05.2018 | 10:28
Прочитано: 1064

Пред седиштето на Синодот на Бугарската православна црква во Софија денеска се одржува протест поради одлуката на бугарските владици да не учествуваат на одбележувањето на илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија, што на  27 мај ќе биде одржано во Охрид. 

Претседателот на Фондацијата „Бугарска памет“ Милен Врабевски, кој го организира протестот изјави дека зад грбот на патријархот Неофит бил направен заговор под надворешен притисок.  

Учесниците на протестот бараат одговор од Синодот на БПЦ за последната одлука да му се забрани на бугарскиот висок клир да учествува на чествувањето на илјадагодишнината на Охридската архиепископија.

Таквата одлука, според нив, е скандалозна бидејќи била донесена со прегласување од владиците, а во отсуство на патријархот Неофит, кој, како што потсетуваат, презел одговорност  и подал рака на Македонската православна црква, прифаќајќи БПЦ да и биде мајка црква. Тие му забележуваат на Синодот на БПЦ дека шест месеци по прифатеното барање на МПЦ да и биде мајка црква, бугарската црква не презела ништо во тој правец. 

Синодот на БПЦ на 14 мај донесе одлука да не биде прифатена поканата на поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан за заедничко одбележување на илјадагодишниот јубилеј на Охридската архипеископија. За таа одлука гласале осум бугарски владици, а четворица биле против. На синодската седница на која била донесена одлуката не присуствувал поглаварот на БПЦ, патријархот Неофит.


The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.