Протест против притворот на Ристевска

10.10.2018 | 17:22
Прочитано: 2224

Веднаш да се ослободи активистката Моника Ристевска бидејќи не сторила никакво кривично дело. Ова е барањето на група граѓани кои денеска излегоа пред  Јавното обвинителство на протест за поддршка за Моника Ристевска.

Според нив недопустливо е државата да третира како криминалец,  активистка  која гласно се залага за легализација на канабисот. Адвокатот на Ристевска, Јанаки Митревски најави  жалба до Кривичниот совет и бара мерката притвор од 30дена  да биде заменета со друга поблага мерка.

„Одлуката на судот е плод на една политика која органите на прогонот ја водат против уживателите на канабис и е недозволиво во услови кога во државата овозможува мултимилионски бизнис на правни ентитети тоа да го прават легално, да ги гони оние кои произведуваат масло од канабис за себе или за блиски болни да бидат гонети како криминалци.“ - вели Јанаки Митревски – адвокат на Моника Ристевска.

За Владата , 30 дневниот притвор кој го изрече  „скопска единица“е престрог во однос на стореното дело.

„За владата на РМ, одлуката за притвор од 30 дена, за лицето Моника Ристевска делува престрого во однос на стореното дело. Сакаме како влада да укажеме дека мора да се почитуваат законските прописи и дека Македонија е држава која се темели на принципот на правото. Потенцираме дека владата за ова прашање е подготвена за дијалог со сите страни.“ - изјави Миле Бошнаковски – портпарол на Влада.

Од МВР велат дека кривична пријава која ја поднесоа до обвинителството против Ристовска е поради основано сомнение за неовластено производство и продажба  на наркотици.

„На 8 октомрви, извршен е претрес кај лицето М. Р. при што се пронајдени 40мл  хашиш смола, 12 мл хашиш масло, семки од канабис, 40грама марихуана помешана со тутун, шприцеви и други предмети. Ова лице и претходно е приведувано и против него се водат други кривични постапки.“ - изјави Тони Ангеловски – портпарол на МВР.

Обвинителството вчера побара, а судија на претходна постапка и изрече 30 дневен притвор по кривичната пријава. Ристевска е осомничена дека во текот на 2017 и 2018 година, во повеќе наврати, незаконски набавила марихуана, од која што со понатамошна преработка добивала наркотична дрога хашиш и други опојни средства, кои потоа ги продавала на неколку лица во Скопје.


Сунаи Сабриоски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.