Пронајдени се ГМО во кочански ориз и во соја од Србија

09.08.2018 | 17:33
Прочитано: 3488

Соjните трошки и шницли според првичните испитувања на Агенцијата за храна и ветеринарство, која утврдила дека содржат генетски модофицирани организми, се на компанијата „Виталиа“, а потекнуваат од Србија, информираат од Aгенцијата. Оризот во кој е утврден ГМО, е произведен во кочанско и се уште се утврдува од каде потекнува семенскиот материјал.

За производите на „Виталиа“, директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов  вели дека се чека супер анализа, бидејќи операторот има законско право да побара дополнително испитувања.

„Количината е околу 510 килограми, производот бил пуштен во продажба меѓутоа е повлечен и сега се наоѓа  во магацините на производителот. За овој производ се чекаат резултатите од супер анализата и кога тие ќе бидат готови  пратката ќе биде соодветно уништена“, вели Зоран Атанасов -  директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство

Од компанијата „Виталиа“, за Телевизија 24 велат дека во тек е супер анализа која ќе утврди дали има отстапување од македонската регулатива која е во процес на хармонизација со регулативата на Европската Унија.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека дополнително се изработува и акционен план за контрола на годинешната реколта на ориз која треба да се произведе, а  оризот во којшто се утврдени генетски модифицирани материјали е под официјален надзор и треба да се уништи. 

„Мострите се земени во магацините и сега се наоѓаат под официјален надзор и се чека уништување. Спрема операторот со храна е изречена мерка казна од 5 000 евра и за одговорното лице 1 700 евра“, вели Зоран Атанасов -  директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство

Во Европската Унија, е дозволено консумирање на храна со ГМО, но нејзиното присуство треба да биде истакнато на декларацијата. Слично било и во Македонија до 2015 година, кога, како што посочи директорот на Агенцијата, преку ноќ била донесена политичка одлука да се забрани консумирањето на производи со ГМО, до влегувањето на државата во Унијата.


Јасмина Спасовска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.