Промена на изборен модел, отворени листи и една изборна единица

15.05.2018 | 17:32
Прочитано: 2682

Државната изборна комисија ќе добие привремен состав – измените на изборниот законик кои треба да овозможат пополнување на испразнетото тело влегоа во собраниска процедура, а во нив и можност за промена на изборниот модел.

Од владејачката СДСМ, велат дека остануваат на ставот за реформа на изборното законодавство во смисла на една изборна единица и отворени листи.

„Јасно и недвосмислено кажавме дека сме за целосна реформа на изборниот модел, во смисла на една изборна единица и отворени листи. Тоа не е избор на една политичка партија, тоа е резултат на преговори.“ - изјави Томислав Тунтев – координатор на пратеничка група на СДСМ.

Со измените, чии предлагачи се координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се враќа претходниот концепт на ДИК, каде што опозициските партии имаат тројца членови од кои се избира претседател на Комисијата, а владејачките партии имаат мнозинство - со четири члена.

„Претседателот на ДИК треба да биде од опозицијата, а мнозинството од позицијата и тоа е привремено решение.“ - изјави Драган Данев – координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Се очекува измените во изборниот законик да се најдат на собраниска седница на парламентот на 21 мај. Новите членови на ДИК ќе имаат мандат од само шест месеци, односно додека не се донесат потемелни измени на Изборниот законик. Промени во изборниот модел и гласање на отворени листи неколку изборни циклуси по ред, бараат и помалите политички партии во земјава.


Јован Ѓорговски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.