Претседателски и парламентарни избори во Турција, Ердоган бара поголема власт

24.06.2018 | 19:40
Прочитано: 9361

Во Турција денеска се одржуваат предвремени претседателски и парламентарни избори, на кои право на глас имаат повеќе од 56 милиони гласачи. По речиси 16 години авторитарно владеење, аналитичарите оценуваат дека денешните избори претставуваат тест на моќта на претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Неговата победа практично би знечела многу поголемо зајакнување на авторитаризмот во државата, особено поради фактот дека претседателските избори се одржуваат точно 17 месеци порано од планираното, што според познавачите е обид актуелниот претседател да ја зацврсти својата власт. Сепак, тој на изборните митинзи ветуваше сосема поинаква слика за Турција.

„Ветувам поголема демократија, повеќе слобода, поголем економски раст. Дојдовме тука да ви служиме, а не да бидеме ваши господари“ - вели Ердоган

Но, анализите од анкетите покажуваат дека Ердоган на овие избори има силна конкуренција, така што претседателските избори би можеле да влезат во вториот круг од изборите на 8  јули, особено ако денеска Партијата за правда и развој, чиј лидер е Ердоган го загуби своето парламентарно мнозинство по 16 години.

Главниот противкандидат е Мухарем Инче од опозициска Републиканска народна партија. Ветува дека ќе го реформира судството, па стотиците професори, новинари, интелектуалци ќе бидат ослободени од затворите. Дека ќе ја врати независноста на централната банка, дека повторно ќе воспостави демократски парламентарен систем.

„Според измените на Уставот се е во рацете на една личност, и буџетот и судството и легислативата. Сето ова не може да припаѓа само на една индивидуа“ - изјави Инче.

Анкетите покажуваат дека огромен број поддржувачи има и единствената жена кандидат за претседател, Мерал Аксенер. Аксенер(61) е наречена турската челична дама, која е цврсто решена да стави крај на авторитаризмот на Ердоган.

„Сакам да победи Мерал Аксанер бидејќи е жена, нека има промени“ - велат жители.

„Очекуваме да победи Мерал, таа е наша мајка“ - велат жители.

Иако е се уште рано за какви било прогнози, опозициските партии во Турција се обединија со цел да застанат на патот на напредокот на Ердоган кон „владеење на еден човек".
Сепак, ако и на овие избори Ердоган ја добие поддршката од граѓаните за уште еден претседателски мандат, Турција ќе направи транзиција од парламентарен кон претседателски систем, давајќи му апсолутни овластувања на шефот на државата. Измените ќе стапат на сила веднаш по изборите.


Анита Буховски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.