Политички игри во општина Гостивар - градот се уште без буџет

19.03.2018 | 18:13
Прочитано: 1241

Буџетот на Гостивар мора да биде донесен утре, политичките опструкции мора да престанат, зашто страдаат само граѓаните – порача денеска градоначалникот Арбен Таравари, и го повика мнозинството во Советот да не ја кочат работата на општината. За политичките игри, Таравари ги обвини СДСМ и ДУИ, за кои рече дека имаат за цел да ја блокираат неговата работа.

„Утре ќе се изгласа буџетот. Засега има само еден проблем нема други проблеми, тоа е проблемот за привремените вработувања, само тоа. СДСМ и ДУИ викаа дека буџетот е неразвоен, но сега испадна дека имаат само еден проблем и тоа е проблемот за привремени вработувања. А јас сакам да ја известам јавноста дека општина Гостивар плаќа околу 21 едукатор во градинките и оттука се предвидени средства за нив“, вели  Арбен Таравари – градоначалник на Гостивар

Од Социјалдемократскиот сојуз пак, го обвинија Таравари дека барал „огромни суми“ за вработување на привремени кадри, и бараат овие пари да се пренаменат за други проекти. Велат дека немаат за цел да ја блокираат работата на општината, туку сакаат детална анализа на проектите. На ист став се и од ДУИ. Од таму порачаа дека на утрешниот состанок ќе се гласа за сите амандмани, со кои се бара доработка на предлог-буџетот.

За случувањата во локалната самоуправа, градоначалникот го информирал и евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој ги повика политичарите да работат во интерес на граѓаните, а не на партиите.

Инаку, буџетот на општина Гостивар за 2018-та година,  изнесува 16,8 милиони евра, а треба да биде изгласан најдоцна до крајот на март. Во спротивно, градоначалникот најави дека ќе бара распишување на нови локални избори.


 


Ирена Каревска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.