ОЈО ќе го истражува поништениот тендер за реагенси во Министерството за здравство

10.08.2018 | 17:00
Прочитано: 655

Контроверзниот тендер на Министерството за здравство за набавка на реагенси под лупа на обвинителството. Јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција ќе истражува како биле спроведувани тендерските постапки, дали незаконски биле доделувани договори за јавни набавки и дали биле сторени кривични дела.

По објавите на медиумите за неправилностите во тендерската постапка за набавката на реагенси, од Обвинителството отвориле предистражна постапка по допрен глас.

„Предметот се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови на крв во износ од 35 милиони евра и за набавка на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи, без тендерска постапка во износ од 24,6 милиони денари“ - велат од ОЈО.

Министерот Филипче за ТВ 24 вели дека се било согласно законите и дека институциите можат да истражуваат.

Милионскиот тендер за набавка на реагенси предизвика низа реакции откако во јавноста се обелодени дека само една фирма се јавила како понудувач, а како подизведувач се јавила фирма формирана во ист период кога министерот одлучи да го смени целиот систем на набавка на реагенси за лабораториите.

Комисијата за жалби од јавни набавки утврди дека министерството прекршило најмалку 7 членови од законот за јавни набавки, а со спецификациите кои ги  навеле во тендерот се фаворизирала само една фирма.

Филипче тврдеше дека поништувањето на тендерската постапка е поради нецелосна документација. Опозициските партии бараа негова оставка, а тендерот го нарекоа најголем скандал во македонското здравство.


Ивана Стојкова
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.