Одрон на карпи го прекина железничкиот и патниот сообраќај од Велес кон Градско

13.03.2018 | 17:23
Прочитано: 1887

За малку е избегната несреќа со трагичен епилог, кога утрово, нешто после осум часот, огромни карпи се откинаа од овој рид и паднаа на патот и железничката пруга Велес – Гевгелија. Неколку секунди подоцна, возило за одржување на пруги удри во карпите. Машиновозачот Симон Велинов, кој не сакаше да зборува пред камера, раскажа дека само што го видел одронот, почнал да кочи.

Откако видел дека растојанието до одронот е мало, на своите двајца колеги кои биле со него во кабината панично им викнал да се држат цврсто, бидејќи ќе удрат во карпите. Еден од нив не успеал да се задржи доволно, па со глава удрил во железната конструкција на кабината. За среќа, поминал со полесна повреда. Несреќа била избегната и на патот. Автобус за влакно избегнал карпите да го затрупаат.

Каблите кои одронот ги соборил, паднале врз каросеријата на автобусот. Но, никој не е повреден. Луѓе чии куќе се непосредно до високиот карпест рид, не паметат ваков одрон, но велат дека со години ги предупредувале властите дека може да дојде до несреќа. Овој пат е многу фрекфентен. Се наоѓа во месноста долни дуќани, на јужниот излез од Велес кон Градско. Освен возила, по него често се движат и велосипедисти и пешаци, па вистинска среќа е што денеска никој не настрада.

Од општина Велес информираат дека регионалниот пат ќе биде забранет се додека не се исчисти одронот и не се создадат услови за нормално движење. Проблем е и отстранувањето на железничкото возило, чии тркала се оштетени и можат да ја деформираат пругата.


Владимир Тевчев
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.