Од следната недела партиите ќе истрчаат на терен за референдумската кампања

09.08.2018 | 17:06
Прочитано: 706

Речиси сите политичките партии се подготвуваат за кампања за претстојниот референдум за името, но никој не открива колку пари ќе потроши за пропаганда. Некои веќе од следната недела, ќе излезат на терен и во директна комуникација со граѓаните ќе агитираат за референдумот. На ваква пропаганда веќе се подготвени ДУИ и двете крила на БЕСА, но дали ќе има рекламни спотови за поддршка на референдумот и по медиумите ќе знаат дури откако ќе ја направат финансиската конструкција.

ВМРО-ДПМНЕ и понатаму тактизира. Ќе се изјасни околу 10 септември откако ќе заврши дебатата внатре во партијата. И Алијансата на Зијадин Села ќе донесе конечна одлука на централното собрание на партијата дури после 25 август.
Но за кампања на големо, пак, се подготвува СДСМ.

„Бидејќи кампањата е во фаза на планирање се уште не можеме да информираме за буџетски проекции. СДСМ има јасен став, силно го поддржува референдумот и ги повикува граѓаните заедно да ја донесат одлуката, да кажат ДА за македонската иднина“ - СДСМ

Каравани по градови, концерти со политички говори но и пејачи, билборди и видеообраќања најавува и Светскиот македонски конгрес кој веќе собира донации. Претседателот Петров вели дека македонците од дијаспората се организираат и преку донаторски вечери собираат пари против референдумот.

Од Министерството за финансии велат дека Собранието, кое треба да ја води јавната пропаганда, нема да добие посебни пари од буџетот. 

Државната изборна комисија уште еднаш потврди дека тој трошок ќе мора сами да го покријат.

„Собранието како овластен предлагач согласно член 12 од законот за референдум може да води јавна пропаганда на свој трошок и тоа го нарековме, еден вид, „привилегиран“ пристап вооднос на останатите кои сакаат да водат некој вид на пропаганда во оваа насока. Според појаснувањето од Државната изборна комисија  и останати субјекти можат да водат пропаганда за што се предвидени околностите под кои тоа може да го прават“, вели Љупка Гугучевска - портпарол на ДИК

Државната изборна комисија од централниот буџет доби 3,4 милиони евра за да го спроведе референдумот за името. 


Ружица Фотиновска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.