Обвинителството за организиран криминал ги чека материјалите од МВР за да отвори предистражна постапка

13.02.2018 | 17:34
Прочитано: 1279

Наодите од истрагата на МВР за проневера на 30 милиони евра од буџетот на министерството  се уште не стигнале до јавното обвинителство. Комисии во УБК и БЈБ работат на истрагата, но се уште не е отворена предистражна постапка во обвинителството бидејќи се чека МВР да го достави материјалот.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го очекува материјалот од Министерството за внатрешни работи по што ќе биде започната предистражна постапка.“ - Велат од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.

Од МВР велат дека одделот за внатрешна контрола е во комуникација со обвинителството и дека работат на обезбедување соодветни информации. Од Специјалното јавно обвинителство пак, не одговорија на нашите прашања, дали споменатата проневера на пари е дел од случај кој се наоѓа во нивна надлежност.

„Специјалното јавно обвинителство нема да коментира.“ - велат од СЈО.

Министерот Спасовски рече дека проневерата е направена во времето на Гордана Јанкуловска, а парите завршиле во џебовите на поединци или приватни фирми, но не откри кој и колку вработени во министерството учествувале во проневерата.

„Завршувале на многу места и во фирми и џебови на поединци и оставам тоа да го покаже истрагата“  - Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи.

Поранешните началници кои ги контактираше нашата телевизија велат дека злоупотреби имало по сите основи, но проневерата на големи суми претежно се одвивала преку злоупотреби на јавните нававки. Според нашите извори, вакви суми на пари може да се проневерат преку шеми слични на онаа во случајот „Трезор“, кога министерството правело набавки преку посреднички фирми, за што се одлевале огромни суми за провизија. Нашите извори велат и дека се доделувале тендери на фирми кои немале најевтина понуда, а биле раководени од блиски луѓе до тогашната владејачка партија. За доделување ваков тендер, СЈО го води случајот „Триста“ за набавка на возила.

Познавачите во МВР велат дека министерството има дополнителна можност да го заобиколи системот на јавни набавки под маската на класифицирани информации или посебни безбедносни мерки. МВР веќе објави дека претходното раководство расипнички трошело од службените картици, но таа сума не достигнува 30 милиони евра. Поранешните началници кои ги контактиравме прогнозираат  дека истрагата ќе открие проневера на многу повеќе од 30 милиони евра.


Кристина Атовска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.