Новиот предлог - Анита Бежовска за гувернер прифатлив за СДСМ

17.05.2018 | 17:21
Прочитано: 1858

Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата в понеделник наутро на координација ќе го разгледа предлогот на претседателот Иванов, вицегувернерката Бежоска да биде новиот гувернер на Народната Банка.

Координаторот Тунтев вели дека пратениците позитивно гледаат на овој предлог  и дека според него, Бежоска ја заслужува нивната поддршка. СДСМ и лани летото гласаше за нејзиниот реизбор на функцијата вицегувернер.

„ Имајќи ја предвид нејзината импозантна биографија, богатото искуство и нејзините професионални постигнувања, јас воопшто не се сомневам дека генералниот став на нашата пратеничка група во врска со овој предлог ќе остане непроменет - дека ќе биде позитивен и дека само ќе биде потврден на претстојната координативна средба на пратеничката група.“

ДУИ, но и опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денес молчат за новиот предлог на Иванов.
Сепак Tелевизија 24 дозава дека троецот Ахмети, Заев и Иванов веќе се договориле Бежоска да биде изгласана во Собранието.

Но, кога ќе може новиот гувернер да ја преземе функцијата со оглед на тоа што мандатот на Богов истекува на 20 мај? Се очекува точката да биде ставена на дневен ред на пленарна седница в понеделник. Од кабинетот на Џафери велат дека изборот мора прво да биде објавен во Службен весник, а новиот гувернер, пред да седне на столчето, ќе мора да даде и свечена изјава во Собранието.  

„Дополнително ќе се прецизира како да гласи одлуката. Може да стапи на сила со донесувањето во Собранието, а не да се чека осум дена од објавувањето во Службен весник.“ - велат од кабинетот на Џафери.

Доколку Бежоска биде избрана, Македонија за првпат ќе добие жена гувернер, но нема да биде прва земја што го направила тоа. Србија во 2012 ја избра Јоргованка Табаковиќ за прв човек на српската Народната банка. Жени гувернери има и во Русија и во Израел.
Анита Бежоска осум години е вицегувернер во Народната банка.


Ружица Фотиновска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.