Нимиц: Двете страни се посветени на наоѓање решение

25.04.2018 | 22:43
Прочитано: 2200

По речиси 4 часа разговори, заврши средбата во Виена меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот на Обединетите нации Метју Нимиц.

По средбата, посредникот Нимиц кратко изјави дека имале интензивна дискусија во која ги слушнал двете страни кои, како што рече, биле посветени на изнаоѓање решение.

„Разговаравме за отворените прашања меѓу двете страни, кои се однесуваат на прашањето за "името". Тоа беа интензивни разговори, многу срдечни. Двете страни се посветени на постигнување решение. Процесот ќе продолжи и во наредните недели.“ - изјави Нимиц.

Министрите Димитров и Коѕијас не дадоа изјави за медиумите. По вечерата на двајцата министри, шефот на грчката дипломатија оди во Брисел на средба со првиот човек на НАТО,  Столтенберг, на која ќе разговараат и за прашањето за името. Инаку, опсегот на употребата на името и грчкото барање за уставни измени беа точките кои се споменуваа пред денешната средба. Претходно, од седиштето на ОН беше соопштено дека Нимиц ќе им „асистира на двете страни во изнаоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето со името“. Премиерот Зоран Заев изјави дека очекува исчекор од денешната средба во Виена. Тој порача дека верува во двајцата министри, а и тој самиот е оптимист за решавање на прашањето за името.

„Има напредок кој ни дава причина да направиме исчекор и на денешната средба во Виена. Европскиот однос, преку дијалог, да се изнаоѓаат решенија, ја испраќа пораката за добра идината“. - изјави Заев.

Портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос пред денешната средба во Виена изјави дека неговата земја во преговорите направила отстапки и дека сега е време и Македонија да ги направи неопходните чекори за постигнување договор. Тој ги повтори позициите на Грција која има два предуслова, кои според него, се логични и праведни.

„Овие два конкретни предуслова се: прво сложено име и второ важење на името ерга омнес, нешто за што предуслов е модификација на уставното име на соседот. Сметаме дека во рамките на овие преговори, грчката страна ги има направено нејзините отстапки, има стигнато до средината на мостот и во овој момент, време и за поранешната југословенска Република Македонија да ги направи неопходните чекори за да стигнеме до заемно прифатен договор.“ - изјави Ѕанакопулос – портпарол на грчката Влада.

Ова е трета средба која на ова ниво се одржува во Виена, претходните две беа на 13 февруари и на 30 март. Втората која траеше 6 и пол часа, беше оценета како мошне конструктивна.  Медијаторот Нимиц тогаш рече дека средбата му овозможила да биде оптимист за иднината, но, дека се уште има отворени прашања кои треба да бидат решени.


Христо Марковски
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.