Невреме во Овчеполието

14.06.2018 | 17:30
Прочитано: 2543

Градот и силниот ветер ги однесоа надежите за добра жетва и род во овчеполието. Невремето погоди околу 5000 хектари. Штети има кај сите земјоделски култури. Речиси стопроцентно се уништени лозјата, тутунот и бостанот, а огромни штети има и кај пченицата и јачменот. Силниот ветар откорнал и неколку дрвја и електрични столбови, поради што утринава селото Црнилишта беше без струја.

„Уништено ни е 90 %, тутун, лозови насади, житни растенија, жално е да се види“ - изјави Јованче Додевски, жител на с. Црнилишта.

„Се имаме задолжено по земјоделските аптеки, по винарските визби договори се направени, земено е препарати, сега не можеме да се обесштетиме. Остануваме на цедило“ - рече Страшо Додев, жител на с. Црнилишта.

Земјоделците бараат итна помош од ресорното министерство. Увид во погодените села направи и градоначалникот на Свети Николе, кој најави брзо формирање на комисиите за проценка на штетите.

„Барем закупнините да бидат ослободени оти не знам што ќе правиме“ - вели Марјан Величковски, жител на с. Црнлишта.

„Апелирам до Владата итно градобијната одбрана да ја стави во функција, оти единствен спас за овчеполието ни е градобијна одбрана“ - изјави Ико Алексовски, жител на с. Црнилишта.

„Ситуацијата е стварно загрижувачка, јас се надевам дека што се однесува до локалната самоуправа, до ингеренциите на Министерството за земјоделство ќе ги преземеме сите чекори за овие земјоделци кои егистираат токму од земјоделството да бидат обесштетени“ - рече денеска Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе.

Од подрачната единица на Министерството за земјоделство од Свети Николе, најавија дека веднаш ќе излезат на терен, а на помош ќе им дојдат и колеги од Скопје.


Вики Кожинкова
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.