Неуспешен обид за забрана на филмот „Ругање со Христос“

09.10.2018 | 17:31
Прочитано: 1459

Нема правна основа, судот да даде „црвен картон“  за филмот „Ругање со Христос“. Предлогот за привремена забрана за емитување и официјално е повлечен.

Министерството за култура задоцни да го забрани емитувањето на филмот „Ругање со Христос“. Судот денеска само констатираше дека е повлечен предлогот за забрана за емитување, бидејќи филмот веќе ја доживеа својата премиера. Режисерот Јани Бојаџи не присуствуваше на рочиштето, бидејќи не беше повикан.

На негово место денеска беше повикан директорот на фестивалот „Киненова“, каде премиерно беше прикажан филмот. - Судат за мое дело без мое присуство, критикува Бојаџи и обвинува на политичка хајка против него.

„Ова е најверојатно во согласност со шеријатското право, каде што е вообичаено мажот на суд да сведочи во името на неговата жена. Така да, еве до кај стасавме во 2918-та година, еве ги европските вредности, владеење на право, слобода итн.“ - изјави Бојаџи.

Бојаџи го обвинуваат дека со своето дело ширел говор на омраза против Албанците. Иако забрана за емитување нема да има, останува можноста да се бара кривична одговорност за неговата сценарио со кое наводно се подгреваат меѓуетнички тензии. Ова е апсурд, вели главниот актер во филмот, Љупчо Тодоровски и смета дека од сето ова на крајот, губи државата.

„Заради политички игри, претпоставувам на партиите коишто се на власт, се прави голема штета на државата,  затоа што е необјасниво никаде во светот како политиката или владејачката структура создава ситуација да повикува судски органи да гонат филм.“ - изјави Љупчо Тодоровски – главен актер во филмот „Ругање со Христос“.

Од министерството за култура  на чија иницијатива беше поднесен предлогот за забрана за емитување, на денешното рочиште немаше претставник. И покрај нашите обиди да стапиме во контакт со институциите кои го оценија филмот како скандалозен уште пред неговата премиера, ни денеска не добивме одговор. Од државното правобранителство пак, само потврдија дека за филмот веќе го известиле и Основното јавно обвинителство. Од таму најавија дека ќе бараат истрага и за трошењето на парите за филмскиот буџет, доделен од Агенцијата за филм, чиј директор Горјан Тозија, го обвини режисерот дека работел по нарачки на претходната власт. 

„Ова што сега го прават е војна и повик на истребување затоа што сега ако мене ме истребат никој после мене нема да се дрзне да го прави тоа што мисли дека треба да го прави. “ - изјави Бојаџи.

Отворена поддршка за Бојаџи официјално изрази  и претседателот Ѓорѓе Иванов. Од владата пак, порачаа дека уметничката слобода е гарантирана и  ги повикаа институциите да го почитуваат тоа.

 


Ирена Каревска
The content of this field is kept private and will not be shown publicly.
Image CAPTCHA
Enter the characters shown in the image.